Синиша Михајловиќ во интервју за Кориеле дека сера зборува за тоа што го привлекло да стане тренер на Торино, промените кои успеал да ги внесе, за извонредните Белоти и Љаиќ, за претседателот кој работи од сабајле до вечер.
Се навраќа и на деновите во Милан и објаснува детално како успеал да го убеди Берлускони дека Донарума треба да биде стартер на 16 години и начинот на кој го натерал да го купи Ромањоли.
Зошто Торино?
По искуството во Милан барав нешто што ќе ми лежи. Историјата на Торино има силни корени и таму има приказна со срце, душа, крв, љубов, баш онаква каква што сакам. Не е само историја во прашање, туку и други работи. Клубот брзо расте, сите си ја знаат својата работа и се многу амбициозни. Таков е претседателот Каиро, директорот Петраки, а таков сум и јас.
За почетокот
Мислам дека многу не очекуваа ваков старт бидејќи се променија тренерот, системот на игра, фудбалерите. Ми требаше време да ги убедам играчите на тоа како јас го гледам фудбалот, да ги навикнам на тоа и да им го променам менталитетот. На почеток бев лут бидејќи не ме сфаќаа, но потоа ми рекоа дека не е лесно да ги променат навиките после пет години и после периодот со Вентура да почнат со нешто потполно ново. Секогаш мораме да се држиме до стилот на Торино и да бидеме препознатливи по тоа. Да одиме на победа и да бидеме без страв. Ги навикнувам дека не е нормално за нашиот тим да загуби на Сан Сиро или да игра нерешено на гости против Лацио. Кога тоа ќе се случи мораме да бидеме бесни и незадоволни, а не да кажеме дека тие се посилни. Не дојдов овде да победувам од време на време.
За Андреа Белоти
Ако сега не е, сигурен сум дека ќе стане најдобар напаѓач во Италија за неколку месеци. Неговиот главен квалитет е гладта за голови и тоа што не е себичен. Ме потсеќа на Чичо Грацијани. Му реков дека е играч кој секој тренер би го посакал. Не се штеди воопшто, ако треба и бек ќе игра, но кога ќе го види голот се претвора во ѕвер. Не смее да ја изгуби дрскоста и верувам дека тоа нема да се случи. Му ги запознав и родителите и се работи за поштено семејство и мислам дека и тој е таков. Сега кога заработи пари и понатаму е свесен од каде почнал.
За Адем Љаиќ
За Белоти кажав се, а Љаиќ ни самиот не е свесен колку добар играч е. Ова може да биде негова сезона. По проблемите во репрезентација дојде кај нас бидејќи е свесен колку може да напредува. Му реков дека ќе му удрам клоца в газ ако нема двоцифрен број на голови и асистенции, а тој ми одговори `нема проблем`.
Дали Торино го игра најубавиот фудбал во вашата тренерска кариера?
Не знам, мислам дека моите екипи секогаш играат добро. Болоња, Фиорентина, Катанија, Сампдорија, Милан. Се обидувам да играм офанзивно. Тука затекнав многу квалитет. Млади се, гладни за успех и ако имаат добар тренер можат да полетаат. Многу од моите играчи веќе дебитираа за репрезентацијата на Италија.
За Донарума
Тој е најдрастичен пример. И покрај многуте скептици, јас бев тој кој го лансираше иако имаше 16 и пол години. Сега е репрезентативец и голем капитал за италијанскиот фудбал. Не знам ни дали постои вистинска цена за него во овој момент. Секогаш ќе бидам горд на Донарума. Не го промовирам само затоа што е млад и што немав друго решение, туку затоа што ме убеди со квалитетот.
Милан беше во тешка ситуација уште на самиот почеток. Изгубивме драгоцено време во првите 7-8 кола бидејќи се обидувавме да играме со формација 4-3-1-2, затоа што така сакаше Берлускони и се виде дека тоа не е вистински избор. После мечот со Наполи му реков дека е доста. Ќе играме како што мислам јас и ако треба ќе изгинам за своите идеи. Така почнаа да доаѓаат резултатите. Така беше и со Донарума. Пред неговото деби Берлускони два пати дојде во Миланело за да ми каже дека треба да брани Диего Лопез. Јас му корев дека има две опции. Да ме избрка и да брани Лопез или да ме задржи и да брани Донарума. За среќа, не ми даде отказ.
Каде пукна?
Не знам. Ме доведоа во Милан затоа што сметаа дека имам карактер со кој можам да вратам некои правила, како и работната култура кои ги имаше претходно кај играчите. Успеав во тоа, но и почнаа и многу повреди. Го оставив Милан во финалето на Купот на Италија и на место кое води во Лига Европа. Сите знаат како завршија работите на крај. Го добија Донарума, а Ромањоли никогаш немаше да дојде во Милан да не бев јас, бидејќи никој не сакаше да плати 25 милиони евра за него. Во тој момент тоа изгледаше премногу, но како перспектива тоа беше добро решение. И во тој случај морав да го убедувам претседателот.
Како успеавте?
Берлускони рече дека тоа е прескапо, но го натерав да го купи Ромањоли. Му реков дека ако еден ден го продаде за помалку од 25 милиони, јас од мој џеб ќе ја надоместам разликата, но ако го продаде за повеќе, профитот ќе го делиме на пола и така го убедив. Мислам дека минатото лето Челси понуди за него дупло повеќе од тоа што го плати Берлускони. Слично беше и со Нјанг. Го убедив да го задржи иако имаше понуда од Лестер. Сега е еден од највредните во екипа. Кога Милан би ги продал овие тројца играчи мислам дека ќе бидат многу послаби. Најмногу ме боли тоа што не ми беше дозволено да го водам тимот во финалето на Купот на Италија до каде јас го однесов. Не можам да докажам, но мислам дека со мене Милан ќе го освоеше Купот на Италија и ќе се пласираше во Лига Европа без разлика како Јувентус одигра во финале.
Галијани беше на ваша страна?
Спрема мене се однесуваше како великан. Ќе ми биде жал ако си оди во Милан и би сакал да остане во фудбалот. Многу го почитувам и го сметам за пријател бидејќи многу ми помогна. Поради соработката со него, сезоната во Милан беше фантастично искуство за мене. Нашиот однос продолжи.
Каков е претседателот на Торино?
Кога Урбан Каиро би бил фудбалер, тогаш неговата позиција би била `тутокамписта`. Тој работи сè. Спасува на гол-линија, трча и постигнува гол. Човекот работи 18 часа на ден. Понекогаш помислувам дека има брат близнак бидејќи не можам да поверувам како може да стигне и да заврши толку работи во текот на денот. Сака сè да знае, но не ми се меша во работата.