Како ќе изгледа новиот формат на Лига на нации и што значи за Македонија

Со ждрепката во вторник од 18 часот во Амстердам, почнува новото издание на Лига на нации (Nations League), второ по ред. Се зголемува бројот на натпревари, се менува форматот на лигите и групите.

ШТО ЌЕ ДОНЕСЕ НОВАТА ЛИГА НА НАЦИИ?

Секој натпревар е битен. Ова е еден од главните слогани на Лига на нации избран од УЕФА. Минатата година првото издание на ЛН во историјата го освои Португалија со Кристијано Роналдо.

Објективот на УЕФА сега е од 2020/2021 уште повеќе да го намали бројот на пријателски натпревари и да ја зголеми компетитивноста, натпреварувачкиот дух на меѓународните натпревари. Не случајно го кренаа бројот на средби: од 138 меча во првото издание сега ќе има 162!

Ако во првото издание имаше 12 репрезентации во Лига А, 12 во Лига Б, 15 во Лига Ц и 16 во Лига Д каде беше и Македонија, сега по 16 репрезентации ќе се натпреваруваат во Лига А, Б и Ц, а само 7 во најслаборангираната Лига Д. Полска, Германија, Хрватска и Исланд останаа во Лига А иако требаше да се преселат во понизок ранг.

Пред детално да влеземе во ждрепката и во можните групи, потребно е да се подвлечат разликите со претходното издание кое уште не е завршено и кое наскоро преку плејоф ќе ги даде и последните земји-учеснички на Европското првенство летово.

Остануваат 55 федерации како досега, односно сите членки на УЕФА, но ќе се смени бројот на нации за секоја лига. Ќе има 16 селекции во Лига А, Б и Ц додека 7 ќе играат во Лига Д.

Апропо ова ќе се сменат и групите. Во форматот 2020/2021 ќе има четири групи по четири репрезентации во групите А, Б И Ц. Лига Д ќе биде формирана од 2 групи: една од четири репрезентации и една со три.

Во Лига А ќе бидат Португалија (шампион), Холандија, Англија, Швајцарија, Белгија, Франција, Шпанија, Италија, Босна и Херцеговина, Украина, Данска, Шведска, Хрватска, Полска, Германија, Исланд.

Практично, испаднатите од Лига А во претходното издание на Лига на нации не испаднаа во Лига Б туку останаа во Лига А. Исто е и со оние кои требаше првично да испаднат од Лига Б во Лига Ц, но на крај остануваат на исто место.

ЛИГА А

Прв шешир: Португалија, Холандија, Англија, Швајцарија
Втор шешир: Белгија, Франција, Шпанија, Италија
Трет шешир: Босна и Херцеговина, Украина, Данска, Шведска
Четврт шешир: Хрватска, Полска, Германија, Исланд

*Селекциите од ист шешир не може да паднат меѓу себе на ждрепката (среда 18.00 Амстердам).

Овие репрезентации ќе бидат поделени во четири групи по четири селекции. Победникот од секоја група ќе игра во полуфинале ќе се бори за финале а потоа и за трето место на завршниот турнир во јуни 2021 година.

Домаќин на Ф4 турнирот ќе биде една од репрезентациите учеснички на истиот.

Сите репрезентации кои ќе завршат последни во група ќе испаднат во Лига Б.

ЛИГА Б

Прв шешир: Русија, Австрија, Велс, Република Чешка
Втор шешир: Шкотска, Норвешка, Србија, Финска
Трет шешир: Словачка, Турција, Република Ирска, Северна Ирска
Четврт шешир: Бугарија, Израел, Унгарија, Романија

- Победниците на секоја група ќе обезбедат пласман во Лига А од сезоната 2022/2023, а последните во секоја група ќе испаднат во Лига Ц.

ЛИГА Ц

Прв шешир: Грција, Албанија, Црна Гора, Грузија
Втор шешир: Македонија, Косово, Белорусија, Кипар
Трет шешир: Естонија, Словенија, Литванија, Луксембург
Четврт шешир: Ерменија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија

- Првопласираните од секоја група ќе бидат промовирани во Лига Б од 2022/2023, додека последните во групите ќе играат плеј-аут (со домашен и гостински натпревар) за да се одлучи кој ќе испадне во Лига Д.

ЛИГА Д

Прв шешир: Гибралтар, Фарски Острови, Летонија, Лихтенштајн
Втор шешир: Андора, Малта, Сан Марино

- Предвидени се 2 групи, една со 4 репрезентации и една со 3. Првопласираните репрезентации ќе бидат промовирани во Лига Ц но нема да играат меѓу себе бараж за пласман на Европско првенство.

КАКО ЌЕ ФУНКЦИОНИРА ЖДРЕПКАТА?

Ждребот ќе започне со вториот шешир во последната Лига Д, репрезентациите ќе бидат сместувани во групи. Ќе се продолжи со првиот шешир во Лига Д, па после со сите други лиги кои притоа ќе имаат по четири шешири.

ФИНАЛНА ФАЗА И ИСПАЃАЊЕ

Во новот издание на Лига на Нации ќе се смени бројот на репрезентации но не и механизмот од првото издание. Сите селекции како и досега ќе играат меѓу себе дома-гости а новост е што во последното коло истовремено во ист термин ќе се играат сите натпревари, а не како претходно.

РАСПОРЕД

Прво коло: 3-5 септември 2020
Второ коло: 6-8 септември 2020
Трето коло: 8-10 октомври 2020
Четврто коло: 11-13 октомври 2020
Петто коло: 12-14 ноември 2020
Шесто коло: 15-17 ноември 2020

Понатаму, следна фаза, полуфинале и финале се предвидени за 2, 3, 6 јуни 2021 (домаќин една од четирите репрезентации финалисти)

Баражи за опстанок во Лигата: 24, 25, 28, 29 март 2022.