Во октомври 2013-та кој не беше на игралиштето на ФФМ во Ново Лисиче, не знае што пропуштил. Имаше два тима, сите со дресови на македонската репрезентација, едните во црвена, другите во жолта боја. Повод?
20 години од деби мечот на Македонија која славеше 1:4 против Словенија на гости. Јубилеј за кој Андон Дончевски допатува од Австралија за да ја води истата селекција на ревијален меч против мешавина од познати пензионирани репрезентативци кои од клупа ги водеше Васил Рингов.
Значи во црвени дресови Зоран Мицевски, Кире Грозданов, Неџмедин Мемеди, Зоран Јованоски, Зоран Бошковски, Ванчо Мицевски, Љупчо Марковски, Бобан Бабунски, Горан Георгиевски, Сашо Милошевски и Тони Мицевски, но без отсутните Драган Канатларовски, Чедомир Јаневски, Илија Најдоски иДарко Панчев.
Во жолти, со легендарниот Рингов, а како помошници доајените на спортското новинарство Миодраг Мицковиќ и Атанас Костовски, дел од составот беа Гоце Седловски, Ѓорги Христов, Александар Васовски, Срѓан Захариевски, Жарко Серафимовски, Јане Николовски и други меѓу кои и Мрме.
Судија на мечот беше нашиот познат меѓународен арбитар Емил Божиновски, а средбата заврши 1:1 со головите на Мицевски и Седловски. Но резултатот од тој собир оди не во втор, туку во трет план.
Во прв план чичко Дончо, кој беше спектакл да се слуша како дели совети од тренерската клупа.
„Седни со грб сврти се, што се срамиш. Ајде одмори се, не сте како млади кога бевте. Ломи го, ломи го“ беа дел од неговите реакции.
Каква легенда.