Со нерешените средби викендов, Интер и Аталанта и математички обезбедија пласман меѓу првите четири екипи, а тоа им носи учество во Лига на шампиони во сезоната 2020/2021. Или не?
Тоа го вели табелата, но не и математиката во целост. Еве зошто.
Има една пресвртница или беља која може да им се случи, но не по нивна вина. Таа е многу тешка, но не е невозможна, а гласи вака:
Ако Наполи и Рома, како екипи кои веќе се надвор од топ 4 во Серија А, успеат да ги освојат истовремено двете клупски европски натпреварувања, тогаш четвртопласираниот тим на табела нема да биде следна сезона дел од ЛШ.
Тоа го наложуваат регулативите на УЕФА кои се јасни. Победниците на Лига на шампиони и Лига Европа имаат загарантирано учество следната сезона во ЛШ, што значи ако тоа го сторат Наполи и Рома автоматски ќе го исфрлат четвртиот од игра и со тоа нема да игра во елитата.
Максималниот број на екипи од едно првенство кои можат да играат во Лига на шампиони е пет, што значи ако се случи тоа лудо сценарио следна сезона таму би играле Јуве, Наполи, Рома, и двете екипи од Интер, Аталанта и Лацио кои ќе завршат на второ и трето место.
Се разбира ако само еден од Наполи и Рома крене пехар во Европа, тогаш Италија ќе има пет претставници во ЛШ, првите четири на табела, плус освојувачот на ЛШ или ЛЕ.
Со оглед на тоа што Серија А завршува на 2 август, четвртопласираниот тим нема да биде 100% сигурен дека на есен ќе се најде на ждрепката во Нион, бидејќи нокаут фазата во ЛШ и ЛЕ се игра токму во август. Наполи игра против Барселона, а Рома се среќава со Севиља.
Ако табелата на крај биде ваква, Лацио ќе треба да навива да не се случи тоа перверзно сценарио.