Нужноста е мотор на прогресот. Во јули 2016. година Наполи остана без Гонзало Игуаин кој штотуку своерачно испиша неколку рекорди во првенството на Италија. Како негова замена Наполитанците се обидоа да го купат Мауро Икарди но безуспешно.
Тогаш се решија за Аркадуиуш Милик - напаѓач, кој по зборовите на Аурелио Де Лаурентис ќе го надмине Пипита. Но проверката на оваа изјава сеуште не е можна - во октомври Полјакот тешко се повреди и уште не е опоравен во целост.
Ништо не бидна и од Маноло Габјадини во новата улога затоа што не беше психолошки спремен да биде лидер на нападот. А Габјадини има се: висина, техника, брзина, волшебна левица, но ако на мечевите против слабите противниците покажуваше какви такви знаци на живот, дуелите како оној со Рома покажаа дека Маноло не е способен да биде на врвот на формацијата 4-3-3.
Формација која Маурицио Сари ја доведе до совршенство минатата сезона. Состојбата со Милик и Габјадини го натерала тренерот на Наполи нешто да преземе.
Како и секогаш, веднаш се најдоа стручњаци да шпекулираат со тактиката - од новинари до професионални тренери во потрага по работа. Со таа разлика што во септември 2015-та од Лучано Моџи до Маурицио Пистоки, сите го советувале Сари да се откаже од формацијата 4-3-1-2 која ја донесе од Емполи.
Три кола беа доволни и мистер Сари брзо се престрои на 4-3-3 и го создаде фамозниот Bel Napoli на кој денес толку му се дивиме сите.
Тогаш се огласуваа многумина кои предвидуваа крах на Наполи без класичен шпиц, а некои дури и саркастично коментирале за Сари кој на една прес-конференција изјавил: „Кој го разбира фудбалот, не се бави со формации“.
Но на почетокот не требаше да се биде експерт за да се примети противречноста на предложените решенија. За целосна реализација на модулот 4-3-3 на Наполи му фалеше силен центарфор.
Покрај тоа Сари имаше две нејаснотии. Прво му требаше треквартиста - позиција која е дефицитарна во денешно време. Не заборавајте дека Лоренцо Инсиње пред една година не се снајде на таа позиција на која игра на пример Тоти. Второ, недостигот од класичен шпиц автоматски значи и измени во средниот ред. Посебно на Марек Хамшик падна голем товар во вршење на одбранбените задачи на средниот ред. Поради тоа Сари мораше радикално да го прекројува целиот систем на игра.
4-3-3 и 4-3-1-2 иако на прв поглед делуваат исти, тие се два различни света. Кога Сари прејде од едниот на другиот тоа е исто како да прејдеш од iPhone на Samsung. Поради сето тоа Сарти решил да се обиде да го нивелира отуството на шпиц без да го сруши механизмот на екипата. Така дошол до идејата за „лажна деветка“.
Во Серија А уште од времето на „римската легија“ позицијата prima punta не се користела со играч од други карактеристики на прав шпиц. Не случајно Франческо Тоти го викаат последната 10-ка која стана прва „лажна 9-ка“. Шпанија смета дека тоа е нивен изум со што во татковината на Колумбо не се согласни.
Но од уважение кон соседите во литературата за тактика терминот false nueve, како по правило не може да се преведе на италијански јазик.
Нов импулс на темата „лажна деветка“ и даде Пеп Гвардиола кој го најде „светиот тактички Грал“. Обиди да ја имитира каталонската школа и приоритет да му даде на поседот на топка најактивно го применуваше Винченцо Монтела во Фиорентина која тогаш ја нарекуваа „мала Барселона“. Повредата на Џузепе Роси тогаш го принуди calcio montelliano да мутира во традиционалниот систем со класичен центарфор.
Употребата на „лажна деветка“ на секогаш се поклопува со желбата на тренерите постојано да ја контролираат топката. Доволно е да се сетиме на Парма на Роберто Донадони кој на таа позиција го стави Антонио Касано. Или Удинезе на Франческо Гвидолин кој претпочиташе контранапади со “лажна деветка“. На крајот дојде Наполи - екипа со друг стил која во последните две години стана лидер во Серија А по процентот на посед на топка. Неодамна Наполитанците поставија историски рекорд со 81% посед на мечот против Кротоне.
Тука се видоа шпанските корени на родниот град на Сари. Но идејата како „лажна деветка“ во шпицот да го стави Дрис Мертенс, 29-годишниот играч кој таму никогаш не играл изгледаше како поголема авантура од онаа на искцрувањето на Јоаким Мурат во Калабрија во 1815. година.
Првите експерименти со Мертенс доведоа до парадоксална ситуација - основен проблем на Наполи не беше нападот. Тоа го потврди и статистиката: минатата сезона со Игуаин екипата на 13 кола даваше во просек по 1.85 гола а сезонава 1.75. Од друга страна Наполитанците примаа значајно повеќе голови - 1.08 сезонава против 0.62 лани.
Важно е да се напомене дека Сари во 2015-та преминот од 4-3-1-2 во 4-3-3 го објасни со желбата да ја среди одбраната. До средината на декември лани тренерот Сари го приморуваше Мертенс да работи повеќе во одбраната, така што Белгиецот малку голови даваше во тој период кога почна како „лажна деветка“.
Но работите се смениле буквално за неколку дена. Се случи нешто што La Repubblica го нарече тренерско ремек дело. На 165 минути поминати на теренот против Сасуоло и Каљари, Дрис Мертенс упатил 16 удари кон противничкиот голман и давал гол на секои 23 минути во просек!
Белгиецот стана првиот фудбалер што дал 4 гола на еден меч во Серија А во последните неколку сезони. Првиот во 1955 година кој дал 7 гола на два меча бил напаѓачот на Милан Гунар Нордал. Белгиецот ги надминал Валентино Мацола, Пјетро Анастази, Марко ван Бастен и Андреј Шевченко по ваквиот учинок. А во Наполи никој немал „покер“ уште од култниот Џузепе Саволди во 1977-ма.
Случајност? Не. На италијанските канали детали ги проанализирале головите на Мертенс и заклучиле дека сите се резултат на точно испланирани комбинации. На пример, еден од головите против Каљари Лоренцо Инсиње застанал како лажен шпиц и му овозможил на Мертенс без чувар да ја прими топката во зона на шеснаесетникот.
„За последните неколку месеци го изгубив Игуаин, а потоа и Милик но никогаш не се жалев“, изјави Сари по тој меч.
Од тој момент целата екипа се прилагодила на „лажната деветка“ Дрис Мертенс колку и минијатурниот фудбалер да делувал смешен во таа улога.
Но Мертенс нималку не се смее и стана најдобриот „лажен напаѓач“ во италијанската Серија А. А има само 169 сантиметри. Во средата на Мертенс му требаа само 8 секунди по влегувањето на терен да му даде гол на Јувентус. На прашањето на кого ќе ја посвети наградата Panchina d’Oro 2017 за најбрз гол, одговорил: „На Маурицио Сари, нормално“.