Раководството на Премиер лигата ги соопшти официјалните бројки за висината на средствата кои им беа распределени на сите клубови. Шампионот Манчестер Јунајтед како награда за освојување на титулата и од фондот за ТВ правата, во сезоната 2012/13 заработи 60,8 милиони фунти.
Најмалку пари добива последнопласираниот КПР - „само" 39,7 милиони фунти. Премиер лигата потпиша нов договор за ТВ правата вреден 5,5 милијарди фунти за 3 години, па така следната сезона шампионот ќе заработи над 100 милиони фунти, а последнопласираната екипа ќе заработи исто колку и Манчестер Јунајтед оваа година, односно околу 60 милиони фунти.
На втората позиција според парите е Манчестер Сити, а третопласираниот тим од Премиер лигата, екипата на Челси според заработка е на 5-та позиција. Тие заработиле помалку пари затоа што нивните натпревари на ТВ во ударни термини оделе „само" 16 пати, во споредба со 25 пати на Јунајтед, Арсенал и Ливерпул по 22 и Манчестер Сити и Тотенхем по 21 пат.
Секоја позиција во Премиер лигата вреди по 755.881 фунти, односно толку како награда доби КПР, а Манчестер Јунајтед доби 20 пати повеќе (15.117.620 фунти). Останатиот дел од сумата се парите од ТВ правата.