Барселона и Реал Мадрид имаа стотици жестоки Ел класико дерби дуели низ историјата. Но никогаш како синоќа не се случи една екипа со победа против директниот ривал да обезбеди шампионска титула.
Барса сега на 3 кола пред крајот има 14 бода предност и математички е шампион.
Јунак на Каталонците е Ханси Флик, германскиот тренер кој и лани им донесе шампионски пехар а сезонава го одбрани. И тоа во ситуација кога во неделата наутро, на денот на дербито со Реал Мадрид мајка му му се јавила да му соопшти дека татко му починал.
Иако ја дознал најтажната вест во неговиот живот, тој решил да се издигне, да не се повлече и да ја изведе екипата на терен. А таму Барса играше мотивирано, борбено, гладно за нов триумф над големиот ривал.

„Последните неколку недели и месеци игравме со повеќе поврзаност како група. Не беше лесно ни против Реал но ја контролиравме топката, се браневме добро. Навистина мислев дека мојата втора година овде ќе биде потешка, но можам да бидам само горд. Не постигнавме толку многу голови (како лани) но се браневме многу подобро. Имаме уште три натпревари до крај и ќе се обидеме да стигнеме до 100 бода“, вели Германецот кој неодамна го продолжи договорот со Барселона до 2028-ма година.
Вели дека му годи животот во Барселона.
„Тешко ми е да зборувам сега, но таа наклоност која што ја чувствувам од луѓето во Барселона од првиот ден е фантастична. Сите сме дел од проектот, а да се биде тренер на овој клуб не е лесно. Имаме многу квалитетни фудбалери, сите сакаат да играат, секој има желба и его. А пак сме тим, секој го дава својот максимум и знам дека ќе достигнеме полн потенцијал. Секогаш се подобруваме и многу уште има пред оваа величествена екипа“, рекол Флик.
На крајот сите фудбалери на Реал Мадрид му пријдоа на Ханси Флик да му изразат сочувство и попатно да му честитаат на шампионската титула.
Ги предводеше капитенот на овој дуел, Винисиус Жуниор.