Тешко е да се најде некој играч кој меѓу Барселона и Реал Мадрид престојувал во Бреша. Уште почудно е да се замисли како еден играч го напуштил Реал Мадрид за новиот италијански прволигаш, за да повторно се врати во Ла Лига.
Во летото 1992 година тоа му се случи на 27-годишниот Георге Хаџи. Иако не беше целосно успешен, овој краток период му помогна на Романецот да изгради култен статус кај „Бјанкаѕурите“.
Способноста да привлекува славни играчи е специјалитет на Бреша. Роберто Баџо, Пеп Гвардиола, Андреа Пирло и Лука Тони, сите тие го носеа синиот дрес на стадионот „Марио Ригамонти“. Хаџи и неколку романски репрезентативци го почнаа овој тренд кој ја направи Бреша хипстерски клуб (ако хипстерите постоеле во раните ’90-ти години).
Ако напливот на романски играчи во италијански клуб денес делува чуден, во тоа време правилата за странски играчи во екипите беа многу построги. Тимовите можеа да имаат само тројца странци во исто време, па така и други италијански клубови имаа иста стратегија.
Милан имаше тројца Холанѓани - Ван Бастен, Руд Гулит и Франк Рајкард. Интер имаше тројца Германци - Лотар Матеус, Андреас Бреме и Јирген Клинсман. Бреша се одлучи за поисточно, кон Романија.
Тренер на клубот тогаш беше легендарниот Мирчеа Луческу (денес во Зенит) кој бил репрезентативец 13 години и селектор пет години, така што бил совршениот човек да направи Романија во мало во северна Италија.
Хаџи беше лидерот за кого газдата на Бреша, Луиџи Кориони потроши 8 милијарди лири (2,4 милиони долари) за од Реал Мадрид да го донесе играчот кој иста плата примаше и во Шпанија. Хаџи им се приклучи на романските репрезентативци Дорин Матеу кој дојде од Сарагоса, Флоријан Радичоју кој потпиша од Хелас Верона и Јоан Сабау кој стигна од Феенорд.
Двете сезони на Хаџи во Бреша беа измешани. Го исклучија на првиот меч на сезоната и клубот испадна во Серија Б откако загуби во баражот од Удинезе. Хаџи постигна пет голови во првата бледа сезона за него. Го казнуваа и зошто доцни на тренинзи: се караше со тренерот за одговорноста пред новинарите и што е полошо беше мрзелив на теренот.
Да, можеби беше многу мрзелив но не и нелојален. Хаџи изјави дека не е кукавица и преданик и остана во Бреша каде го гледаа како идол. Иако се опушти во првата сезона во Италија мислејќи дека лесно ќе му биде во Серија А после Реал Мадрид, но мораше да стисне заби во втората лига.
Во сезоната 1993/1994 Брешаните го видоа правиот „Марадона од Карпатите“ со неверојатните додавања и дриблинзи. Неговата самодоверба растеше, дриблингот му беше се подобар и даде девет голови во Серија Б, нешто помалку од Оливер Бироф и Габриел Батистута, но доволно да ја врати Бреша во елитата.
Хаџи во 1994 го освои и единствениот трофеј со Бреша, кога пред 17.185 навивачи на Вембли го совладаа Нотс Каунти со 1:0 во финалето на Англо-Италијанскиот Куп (постоеше и такво нешто).
Малиот дриблер ја подобри формата, се врати на мапата и блесна на Светското првенство 1994 во САД. После тоа најголемите европски клубови повторно му чукнаа на врата. Хаџи и кажа arrivederci на Италија и се запозна со Јохан Кројф кој го донесе во Барселона, тогаш новиот владетел на Европа.
Приказната за фудбалскиот пат на Хаџи и „Ице“ Стоичков тука.