
Андреа е лекар по професија и голем навивач на Болоња. Тој доаѓа од градот Венето. Во Болоња дошол да студира и така се вљубил во фудбалскиот клуб од најстудентскиот град во Италија.
Во меѓувреме решил да приготви традиционална парче храна од секој град од кој доаѓа секој нареден ривал на Болоња на стадионот „Ренато Дал'Ара“.
„Се почна со неколку кеси чипсови и кикирики. Си носев со себе за да не трошам во барот. Притоа ми дојде идеја да спремам закуски за натпреварот поврзани со клубот или регионот од каде доаѓа ривалот. Закуската ја приготвувам дома пред мечот“.
БОЛОЊА - КАЉАРИ
Сардинија не е само место со најубавите плажи на цело Средоземно море но и прав „остров на илјада вкусови“. Пане каразау со сардинско овчјо сирење пекорино и прелив од мед е една од најтрадиционалните закуски во Каљари.
Оваа закуска е позната и како „Карта да музика“.
БОЛОЊА - ЕМПОЛИ
„Брускета со ндужи“ е мошне интересна закуска. Ѕвезда на рецептот е калабриска ндужа, мека и мошне зачинета салама со силно црвена боја, добиена со обработка и мелење на поедини делови од свинско свежо месо и суво луто пиперче кое се користи за обогатување на различна храна.
Ндужа потекнува од југот, поточно од Калабрија каде на времето сурово сиромашните мештани мешале со месо сè што ќе нашле во својот дом како храна.
БОЛОЊА - НАПОЛИ
Фритата ди паста по наполитански. Во морето разни закуски и главни јадења во Неапол, ова е едно од поубавите. Ова е закуска која се јаде стриктно оладена, со чаша добро бело вино.
Пазете ја подготовката: Пригответе шпагети, залијте ги со најпрост доматен сос и надевајте се дека ќе ја преживеат вечерата. Во тој случај дајте им малку да постојат во фрижидер, а утре дента додајте им јајца, сирење, моцарела и се останато што ќе ви падне на памет.
Лепота!
БОЛОЊА - МОНЦА
Панетоне го слушнале сигурно сите. Најпознат традиционален леб и Божиќен десерт. Се полни со суво грозје и засладени кори портокал или лимон од Милано. Впрочем Монца е предградие на Милано па оттука и блискоста со панетоне по кој овој дел од Италија е познат.
Легендата вели дека: готвачот на миланскиот херцог Лудовико Моро (кој му бил покровител на Леонардо да Винчи) случајно го изгорел десертот за војводата и морал брзо да направи што било што од она што го имал при рака. А имал: брашно, путер, јајца, квасец, засладено овошје, суво грозје и шеќер во прав.
Новиот десет ептен многу му се допаднал на херцогот и имал толку голем успех што се верува дека го добил името по куварот кој се викал Тони: Pan di Toni, а со времето ова име еволуирало во панетоне... Секако ова е само една од легендите.
БОЛОЊА - ФИОРЕНТИНА
Во Болоња има две главни дерби дуели: средбите против Фиорентина (Апенинско дерби) и против Парма (Емилијанско дерби). За првото Андреа приготвил „Салами ал Чоколато“ но не му успеала баш формата.
БОЛОЊА - ЛЕЧЕ
„Рустико Лечезе“
По облик многу слично на францускиот волован (во превод француски - „ветер“ со кој се опишува неговата леснотија). Едно од повкусните пецива направени од неколку состојки кои не се баш типични за традиционалната кујна на Лече која напротив, претпочита природни состојки поврзани со селските традиции. Нежната школка пециво „Рустико Лечезе“ во себе крие моцарела, бешамел и доматен сос.
БОЛОЊА - ПАРМА
„Сузана“ се вика типичниот пармски десерт со фил од рикота, преливен со чоколадна глазура. Се топи во уста.
БОЛОЊА - УДИНЕЗЕ
Во магичните долини на Натизоне, во регијата Фриули-Венеција-Џулија, роден е десерт кој е идеален за празниците, посебно за Божиќ. Но може да се јаде и во текот на целата година. Се вика „Губана“ или на локален дијалект „Губане“. Кај нас познат како милиброд.
Зошто го одбрале ова нетипично име за Италија? Има разни хипотези: една која што е најмеродавна е дека името на десертот потекнува од зборот „губа“ што на словенечки значи „преклоп“ што укажува на преклопениот облик на десертот Губана.
Андреа спремил уште една закуска за мечот со Удинезе - Рижото ала склопито, ориз со зеленило. Фриулската кујна секогаш е при врвот во Италија. Склопита е дива трева, типична за Фриули но распростанета е во цело Венето.
БОЛОЊА - САЛЕРНИТАНА
Рикота (италијанско сирење)со доматни крекери. Ова или сам си го смислил или нема никаква врска со Салерно, реон од Југот со страшно богата традиционална кујна.
БОЛОЊА - ВЕНЕЦИЈА
„Сарде ин саор“ - типична закуска од венецијанската кујна со пржени сардини спремни со кромид, лук, пињола (зимзелена шишарка што се користи во исхраната во Италија) и грозје.
БОЛОЊА - ЛАЦИО
Маритоцо се вика главната римска закуска. Римјаните кои доаѓаат во бар, не бараат корнет, ниту пак кроасан или бриош, туку бараат маритоцо, мало лепче полнето со крем-шлаг.