Историско реми за Македонија со европскиот вицешампион Англија!

Во рамки од 8-то коло, последно од квалификацискиот циклус, вечерва во Скопје пред 30.000 гледачи Македонија одигра одличен натпревар против големиот ривал, светската фудбалска велесила Англија. 1-0 на полувреме, 1-1 крај.

Во однос на претходниот дуел со Италија во Рим, селекторот Благоја Милевски направи две измени па така од старт наместо Елези и Адеми започнаа Алими и Јани Атанасов, стрелецот на два гола против аѕурите.

Останатите беа стандардните: Димитриевски, Манев, Серафимов, Муслиу, Алиоски, Барди, Димоски, Елмас и Бојан Миовски.

Саутгејт чија селекција одамна се пласираше на Евро 2024 и која на Македонија ѝ го нанесе најтешкиот пораз во историјата (7:0) во јуни, се реши на клупа да ги остави Хари Кејн и Маркус Рашфорд, но кај „Гордиот Албион“ нема никаква разлика кој е во прва а кој во втора постава.

На терен почнаа Пикфорд, Вокер, Мегваер, Гуеи, дебитантот Рико Луис, Александер-Арнолд, Рајс, Сака, Фоден, Грилиш и Оли Воткинс.

 

Почетокот на мечот донесе офанзива на Англија, очекувано гостите тргнаа по отворање на резултатот а Македонија стоеше стабилно во блок во последната линија.

Првата сериозна шанса Англичаните ја имаа во 14' минута кога Деклан Рајс, најскапиот трансфер во Премиер лига кој од Вест Хем го засили Арсенал минатото лето, шутираше во дирекот на Димитриевски. 

До 20-та минута се играше воглавно на половина на нашата репрезентација, а Англија се обидуваше од левата страна преку Грилиш и од десната преку Сака да го пробие бедемот пред Димитриевски.

И во ситуација кога работите на теренот и трибините беа мирни, во 24' минута при една полу-контра на Македонија, Миовски одлично го проигра Елмас кој влезе во противничкиот шеснаесетник, беше фаулиран од Мегвар но главниот судија Филип Глова од Словачка по консултација со ВАР собата само одмавна со раката и навлече гнев од трибините.

Она што словачкиот судија не го досуди во 24' минута, го досуди во 39' минута кога дебитантот во англискиот состав Рико Луис од Ман. Сити го фаулираше Бојан Миовски во шеснаесетникот. Судијата Глова гледаше ВАР и досуди пенал.

Енис Барди ја намести топката а неговиот шут го одбрани Пикфорд но Барди натрча на одбиената топка и реализираше за 1-0 и ерупција на „Тодор Проески Арената“:

До крајот од првиот дел имаше 4 минути судиско продолжение, во тој период Англија се обиде преку два силни шута на Рико Луис и Трент Александер-Арнолд но Димитриевски фантастично бранеше за што доби овации од 30.000 гледачи на трибините.

На полувреме Македонија отиде со водство од 1-0.

Стартот од вториот дел веднаш донесе нови возбудувања. По една акција од десната страна Букајо Сака центрираше, Грилиш погоди но погодокот му беше поништен поради очигледен офсајд. ВАР потврди дека европскиот првак со Манчестер Сити бил во недозволена позиција.

Лидерот во нашата група притискаше од сите страни но македонската одбрана одлично се држеше.

Во 57' минута при еден мал пад на концентрација нововлезениот Хари Кејн буквално од првиот контакт после само неколку секунди израмни на 1-1 со глава по центаршут од корнер на Фоден. Се испостави дека топката го погодила Јани Атанасов кому му е припишан автогол:

Селекторот Милевски реши да освежи во 75' минута па наместо Миовски влезе Милан Ристовски а во игра влезе и Тихомир Костадинов кој го смени Исник Алими.

Во последните 15-ина минути Висар Муслиу и Јован Манев одиграа сјајно во  одбраната и со освоени дуели ги одбиваа речиси сите напади на гостите кои пред само неколку месеци на „Олд Трафорд“ до врв ја наполнија мрежата на Македонија. Овојпат црвено-жолтите покажаа дека тој резултат бил само лош ден за заборав.

Се обиде англискиот селектор со тројна измена да донесе промени: Рашфорд, Калвин-Филипс и Кол Палмер влегоа наместо Букајо Сака, Трент Александер-Арнолд и Џек Грилиш.

Во последните моменти од мечот, Никола Серафимов се обиде со глава и за малку не го совлада Пикфорд по корнерот на Енис Барди.

На крај конечни 1-1, резултат кој и тоа како добро ѝ дојде на македонската репрезентација, како и на јавноста која беше разочарана по претходните изданија.

Вечерва европска фудбалска вест број 1 е ремито на Македонија со Англија. Со  овој меч заврши квалификацискиот циклус. Од нашата група покрај Англија, на Евро 2024 патува и Италија која одигра реми без голови со Украина во Леверкузен и тоа ѝ беше доволно за пласман.

Standings provided by Sofascore

Голот на Барди против Англија и ерупцијата на „Градски“ 

Историско реми за Македонија со европскиот вицешампион Англија!

20 ноември 2023 - 20:18