Додека медиумите од нашите соседни земји пишуваат за трансфери на нивните фудбалери во Англија, Италија, Шпанија, Германија... спортските новинари од Македонија мака мачат да ги прочитаат и напишат новите клубови на нашите фудбалери кои потпишуваат во Мјанмар, Индонезија, Тајланд, Азербејџан, Казахстан...
Порано сметавме дека е разочарувачки трансфер ако некој фудбалер потпишеше за клуб од Кипар или Романија, а сега веќе овие лиги се премија. Од посилните лиги ги имаме само Горан Попов во ВБА, Николче Новески во Мајнц и Агим Ибраими и Горан Пандев во Серија А.
Имаме по некој фудбалер во Холандија, Белгија, Данска, Норвешка, Полска и Романија, а останатите прават трансфери во земји кои претходно не ни знаеле каде се наоѓаат на мапа, само колку да избегаат од македонската фудбалска мизерија.
Последен на листата фудбалери кои среќата си ја бараат на истокот е повремениот репрезентативец Дарко Тасевски кој му се приклучи на Марио Ѓуровски на Тајланд.

Најмногу ги има во Азербејџан. Таму се Роберт Петров, Един Нурединоски, Славчо Георгиевски, Никола Глигоров, Игор Митрески, Муарем Муарем, а до пред некој ден таму беше и Илчо Наумоски. Буњамин Асани пак игра во втората азербејџанска лига.
Дарко Глишиќ е во Грузија, а младиот голман Тигран Кандикјан брани во Ерменија.
Горан Ганчев игра во Индонезија, Никола Тонев во Казахстан, каде до неодамна беше и Филип Ивановски.
во Јапонија игра Стевица Ристиќ, а до неодамна таму беше и Никола Јакимовски, како и Баже Илијоски кој играше во втората јапонска лига.
Никола Клечкароски игра во Малезија, а Тони Џангаровски и Никола Никанчевски се наши претставници во Мјанмар.