12 победи, пет нерешени и ниту еден пораз е скорот на Рома во досегашниот дел од италијанскиот шампион, фантастичен старт кој не се памети во Серија А, а како еден од најзаслужните за овие резултати е ветеранот Тоти.
И покрај тоа што е во залезот од својата кариера „Принцот на Рим" не се дава, а неговото присуство на теренот е од круцијално значење во историската сезона на Рома.
Статистиката покажува дека кога тој е на теренот од првата минута Рома победила на сите осум меча против Ливорно, Верона, Парма, Лацио, Сампдорија, Болоња, Интер и Катанија, но тоа не е се.
Фудбалерите на Рома на тие натпревари биле најефикасни со 24 постигнати голови или во просек по три на натпревар, а примиле само еден гол, оној на дуелот против Парма.
Но капитенот со своите години не може да го издржи тоа темпо и да биде дел од составот на сите мечеви по 90 минути, а во еден период беше отсутен поради повреда. Кога бил само гледач на натпреварите на својот тим бројките покажуваат нешто сосема друго.
Рома остварила четири победи (Наполи, Киево, Фиорентина и Удинезе), но и четири пати ремизирала (Торино, Аталанта, Сасуоло и Каљари). Без него ефикасноста паднала и тоа на само девет голови на осум меча, а и покрај тоа што не игра одбрана Рома примала повеќе голови односно по еден на секои 180 минути.
За време на паузата на првенствата на речиси средина од првенствата, тимот на Гарсија е еден од шесте клубови во Европа кој не знаат за пораз во своите првенства. Тоа се Олимпијакос, Баерн Минхен, Спарта Прага, Селтик и Стеауа Букурешт.
Вистинскиот тест за Рома е стартот на 2014 година кога на 5 јануари ќе се соочат со актуелниот шампион Јувентус кој е прв на табелата со пет бода повеќе.