Еден од најголемите украински колективи, Днипро од Днипропетровск од минатогодишен финалист на Лига Европа беше на прагот да пропадне, градскиот ривал на Шахтјор, Металург е ликвидиран, а скромниот Олимпик се пресели во Киев. Честа на Донецк остана да ја чува Шахтјор.
„Ни кажаа дека мораме брзо да си одиме. Не понесов ништо од дома, верував дека брзо ќе се вратиме. За жал, пројдоа две години“, се присеќа капитенот на тимот, Хрватот Дарио Срна на последниот ден во Донецк.
Во првите две години фудбалерите на Шахтјор останаа без своите домови, без стадионот и навивачите. Од моментот кога се преселија, домашните средби ги играа во дури 1.250 километри оддалечениот Лавов.
„Ми се јавуваат, ми велат дека куќата ми е во ред. Дека не е урната. Се ми остана таму, облеката и натаму ми е во плакарот. Земавме само два автомобили“, вели легендарниот хрватски бек кој во Донецк стигна во 2003. година од Хајдук Сплит.
И покрај сите проблеми, фудбалерите играат одличен фудбал. Годинава стигнаа до полуфиналето на Лига Европа, каде за малку не ја минаа Севиља, шампионот во ова натпреварување. Токму за ваквите големи средби најбогатиот Украинец, Ринат Ахметов во 2009. ја изгради ултра модерната Донбас Арена со капацитет од 52.000 места, ресторани, кафулиња, спа центар и теретана.
Војната стигна и до овој стадион кој неколку пати беше гранатиран во изминатите две години. Поради тоа „Рударите“ со Севиља играа многу далеко од дома. Одалеченоста меѓу Донецк и Лавов е слична на онаа меѓу Лондон и Мадрид.
„Најубав момент во кариерата ми беше победата над Вердер 2:1 во финалето на Купот на УЕФА во 2009. Година. Тој ден беше неверојатен за Шахтјор, Донецк и цела Украина“, додава Срна.
Шахтјор успеал да и оддолее на страшната војна и за разлика многу други украински клубови ги задржа најдобрите фудбалери и нивото на резултати.
„Луѓето кои мислеа дека Шахтјор ќе се распадне не го знаат нашиот претседател, не го знаат нашиот клуб. Останавме без неколку важни играчи во претходните сезони (Вилијан, Фернандињо, Михтарјан, Тешеира), но играме фудбал на високо ниво“, продолжува Срна.
Колку е верен на клубот и градот, хрватскиот репрезентативец кој летово ќе игра на ЕП 2016 говори и фактот што многу лесно можеше да најде ангажман во Топ 5 лигите во Европа, но остана во Шахтјор. Срна е икона на клубот кој почна да расте токму кога тој дојде во Донецк, периодот во кој Ахметов го презеде клубот по убиството на мафијашот Ахат Брагин.
„Веќе преживеав една војна во Хрватска. Шахтјор е мојот дом. Ниту еднаш после толку години не почуствував дека треба да ги напуштам во ситуацијава и да си одам. Не сум таков. Имав сериозни понуди од Челси, Баерн, Борусија Дортмунд, да сакав да одам во Челси на пример ќе одев на почетокот, сега нема смисла“, одговара Срна на прашањето зошто не заминал кога се запукало во Донбас.
Шахтјор имал 550 вработени кога почнале судирите. Некои од нив се преселиле западно со првата екипа и академијата, а другите останале да работат на стадионот кој сега е дистрибутивен центар за хуманитарн апомош. Многу други клубови и навивачи праќаат помош во овој дел од Украина, но никој не помага како Шахтјор. Секој ден по 25 камиони со роба возат со часови за да го снабдеваат населението.
„Ако не им ја пратиме оваа помош, луѓето би умирале. Во Донецк за жал веќе нема ништо, посебно не за луѓето кои се на државни пензии“, вели директорот на клубот Сергеј Палкин кој патувал седум часа, наместо вообичаените два од Днепропетровск до Донецк за да го провери стадионот.
Во 2014. Година, Украина престанала да им исплаќа пензии на луѓето кои останале во градот контролиран од проруските сепаратисти. Половина година подоцна е формирана Народната република Донецк која што ги вратила пензиите, но многумина и натаму живеат од помошта на Ринат Ахметов кој одвојува и по 50 милиони евра годишно.
Лавов не му бил прв избор на Шахтјор. Градот Харков е поблизу 750 километри, првиот јазик е руски како во Донецк, но не успеале да се договорат за стадионот. На тој начин завршиле во градот кој за последните 100 години бил редовна цел на бегалците, како дел од Австрија, па Полска па СССР и на крајот Украина.
„Војна во Европа во денешно време. Можете ли да замислите? Еден ден ќе го гледам Шахтјор на Донбас Арената. Тоа е мој сон, тоа е сон на секој. Се молиме за семејствата на играчите кои и натаму се во Донецк. Тие се единствените жртви на војнава“, вели Софија Семур која почнала да навива за Шахтјор кога клубот се преселил во Лавов.
На 24. мај Шахтјор слави 80 години постоење. Пред пет години со голема забава бил отворен стадионот како отворање на Олимписки игра, а сега ќе мине во знак на загинатите во Донецк.
„Веруваме дека еден ден ќе се вратиме на Донбас Арената, во спротивно нема смисла да продолжиме. Ако ми кажете дека нема шанси да се вратиме поради војна, тогаш да го затвориме клубот, не би имало смисла да постоиме. Мора да се вратиме. Донецк е наш дом“, констатира на крајот Палкин.