И Бразилците плаќаат да играат во репрезентација

Јавна тајна е дека во Македонија некои селектори си имаа тарифник за настап во национален тим, но колку за утеха, така правеле и поголемите фудбалски сили. Своето место во репрезентацијата си го купуваат дури и Бразилците.

Медиумите од Бразил открија голем скандал поврзан со ѕвездата на зимскиот преоден рок, Вилиан. Таткото на фудбалерот кој за 35 милиони евра премина од Шахтар во рускиот клуб Анжи, им платил на „лобисти" за неговиот син да биде повикан во репрезентацијата на Бразил.

Северино Виериа да Силва во 2011-та година кога Вилиан се уште настапувал за украинскиот клуб Шахтар Доњецк, ја најмил компанијата One Off Marketing Esportivo Ltda која му гарантирала дека неговиот син ќе игра во репрезентацијата на Бразил.

Со играњето во националниот тим, Вилиан се надевал дека ќе си ги зголеми шансите за да направи трансфер во англиската Премиер лига. Северино исплатил една рата од 40.000 евра од вкупната сума која требала да изнесува 240.000 евра.

Скандалот бил откриен откако таткото на Вилиан си ги побарал назад парите затоа што од 2011-та година тој одиграл само 2 натпревари за репрезентацијата на Бразил и тоа пријателски контроли против Габон и Египет, а менаџерската агенција му гарантирала дека тој ќе игра на 70% од натпреварите.

15 мај 2013 - 10:09