Светското првенство во САД остана запаметено по промашениот пенал на Роберто Баџо во финалето, по неверојатниот успех на бугарската репрезентација и по голманот на Мексико, Хозе Кампос.
Облечен во флуоресцентен дрес кој самиот го дизајнираше, Кампос важеше за прав мунгос на кој не може лесно да му се даде гол, а кој во исто време знае да повлече контранапад со ракавици на рацете. Кој ги памети неговите натпревари не може, а да не се сети како се чудел кога Кампос после корнер ја фаќа топката во раце, ја фрла пред себе и сам тргнува во контра. Често му се случуваше ако резултатот не е во негова полза, да ги соблече дресот и ракавиците и да заигра како истурен шпиц.
При една таква реакција додека бранеше за мексиканскиот Атланте, во 1997. година со ножички постигна гол на кој можат да му позавидат Ибрахимовиќ и Ван Бастен.
Покрај тоа што уживаше на голот, Кампос во Мексико бил познат и како еден од најдобрите сурфери на плажите во Акапулко. На неговата способност сигурно да го остави празен својот гол и да отиде во напад се жалеше и Хавиер Клементе, селекторот на Шпанија на СП 1994. година кој бараше ФИФА да забрани голман истовремено да биде и играч.
Хорхе Кампос беше најзаслужен што Мексико стигна до осминафиналето на Мундијалот, каде испаднаа од Бугарија на Христо Стоичков и Красимир Балаков. Пред и после Светското, Кампос го освои КОНКАКАФ Златниот Куп, а играше и на Копа Америка во 1993. година.
„Како и сите деца, така и ние игравме по маалските игралишта. Кога некој голман ќе одбранеше страшен шут, ќе викнеше - Кампос!“, вели Давид Естрада, 27-годишниот фудбалер од МЛС лигата, каде играше и Кампос во ЛА Галакси и Чикаго.
За тоа колку го сакаа и колегите, зборува и најдобрата фудбалска реклама на Најк во историјата, „Борбата на доброто и злото“. Роналдо, Малдини, Кантона, Луис Фиго, Руи Коста и Патрик Клајверт барале во рекламата да учествува и Хорхе Кампос. И покрај целата популарност, Мексиканецот остана приземјен, обичен човек кој ја користеше секоја прилика да дојде кај семејството во Мексико. Славата не го смени.
Рекламата на Најк во која се појавува и Кампос:
„Притисок? Секако дека чувствувам голем притисок секој пат кога ќе излезам на терен. Но многу поголем притисок чувствувам додека сурфам. Што ако има некоја ајкула под мене?“, искрено зборуваше Кампос кој покрај брановите ги сакаше и коњите.
На истекот на својата кариера, работеше како тренер на голманите во репрезентацијата на Мексико. Како помошник директор на државниот тим патуваше и на СП 2006. во Германија, а се појави и на хуманитарниот натпревар „Меси и пријателите“ во 2011. година.
Денес држи ланец ресторани „Спортортас-Кампос“, во кои можете да пробате и сендвичи Марадона и Пеле.
Еден и единствен, неповторливиот Хорхе Кампос: