Главниот судија на мечот Реал Мадрид - Алмерија беше Франсиско Ернандез Маесо кој за првпат суди меч од Ла Лига и практично дебитираше на голема сцена.
Но она што го направи, ќе остане запаметено.
Да почнеме од почеток.
Реал Мадрид прими гол уште во 38 секунда и тоа беше студен туш за цел стадион. Начо погреши во додавање, Лукас Робертоне го искористи подарокот, проигра со Дејан Миловановиќ двојно па го најде Ларжи Рамазани кој го шокираше цел стадион во 38-ма секунда:
Толку брзо Реал на „Сантијаго Бернабеу“ не примил гол девет години. Тогаш за Реал Сосиедад гол после исто 38 секунди постигна Ариз Елустондо.
Реал притискаше веднаш да израмни синоќа против Алмерија но пред крајот на првиот дел нов студен туш за цел стадион. Едгар Гонзалес начека една нова грешка на Начо кој згреши и за првиот гол и постигна страшен еврогол со волеј од голема далечина и тој погодок сигурно ќе конкурира за најубав на сезоната.
Алмерија беше на прагот на прва победа во сезоната. На 21 меч вклучувајќи го и овој со Реал Мадрид, Алмерија има 5 нерешени и 16 порази. Ќе беше ова сензационален триумф на гостите од Андалузија. Но такво нешто спречија судиите особено главниот и оние во ВАР собата.
Во 55’ минута од вториот дел по еден центаршут во шеснаесетникот на Реал Мадрид главниот судија по консултација со ВАР досуди пенал откако наводно Каики играл со рака. На повторената снимка очигледно се гледа како Рудигер прави груб прекршок пред играњето со рака на Каики кој исто беше оттурнат од Хоселу во воздушниот дуел.
Ова беше прв гол на Белингем после еден месец и со 14 гола е прв на листата на стрелци заедно со Украинецот Довбик од Жирона.
Дури и играчите на Реал Мадрид беа изненадни што воопшто се гледа ВАР снимка и тоа за пенал во нивна полза затоа што никој претходно не протестираше.
Џуд Белингем сигурно го изведе пеналот и Реал намали на 1-2 со практично подарен пенал затоа што пред играњето со рака имаше груб прекршок од Рудигер.
После само неколку минути Алмерија одново постигна гол. Фудбалерот на гостите Дион Лопи од Сенегал сјајно го проигра Рамазани кој му асистираше на некогашното дете на Реал Мадрид Арибас кој лесно го матираше Кепа за 1:3 и не го прослави голот од почит кон некогашниот клуб.
Но судиите и тука видоа спорен момент па после ВАР досудија фаул од Лопи над Белингем со рака на сам почеток на акцијата. Голот беше поништен.
Протестираа гостите, жестоко се бунеше гостинскиот тренер Гаиска Гаритано кој доби жолт картон а пред крајот на мечот и втор жолт картон и беше автоматски исклучен.
Најспорниот момент на мечот (ако има поспорен еден од друг) се случи во 67-ма минута кога Бразилецот Винисиус при пад во еден дуел со рака ја удри топката која заврши во мрежата. Судијата го призна голот по гледање ВАР иако цел свет виде дека Винисиус играл со рака.
Реал Мадрид израмни 2:2 и тргна во тотална офанзива. Тоа на крајот им донесе победа по голот на Карвахал во 90+10 минута од судиското продолжение:
Ова е најдоцниот постигнат гол на Реал Мадрид во длабоко судиско продолжение во историјата на Ла Лига. Претходниот рекорд бил погодок на Гонзало Игуаин во 2008-ма година кога дал гол од пенал во 90+7 минута.
Се испостави дека голот на капитенот Дани Карвахал не е само победнички, туку и историски. Гостинските фудбалери после мечот оправдано се бунеа кај судиите но веќе беше готово. 3:2 победа за Реал.
„Немам што да кажам. Многу протестирав. Не можам поинаку. Сите се видоа! Не кажувам свое мислење за кое после би трпел санкции. Видовте што се случи тоа е најдобро резиме. Обично не зборувам за судиите. Немам зборови за да го опишам тоа што се случи. Ова не е првпат кога со нас се случува вакво нешто. Вечерва е кошмар за дечките“, рекол тренерот на гостите Гаиска Гаритано.
Карло Анчелоти пак подоцна на прес-конференција рекол дека сите три ВАР одлуки на главниот судија биле исправни.
Поранешниот судија легендарниот Едуардо Итуралде Гонзалес после во анализа на судењето нашол 3 кардинални судиски грешки: за пеналот по раката на Каики рекол дека немало пенал затоа што претходно фаул направил Хоселу а направил и Рудигер над Едгар. „Играчот на Реал се обеси над бекот на Алмерија и нему му беше неопходно да ги испружи рацете. Тоа не требаше да биде пенал“.
Поништениот гол на Арибас: „Тоа е исто грешка. Голот е поништен зошто после такви контакти не се суди фаул. Лопи е во дуел во борба за топка и со рака го удира противникот по лице“.
Голот на Винисиус: „Во оваа епизода имам повеќе сомнеж. Попрво гледам игра со рака отколку со раме но не можам да кажам точно. Очигледно дека одлуката со ВАР не може да биде точна. Тоа беше еден од оние моменти кога може да се донесат спорни одлуки. Треба да го разделиме тоа што ние го сакаме и што кажува техничкиот комитет“.