
Горан Пандев остави неизбришлива трага во клупската историја на Интер. Влезе во вечноста како важен член на генерацијата која оствари историски успеи во 2010-та година освои таканаречена „триплета“, односно трите најголеми пехари во сезоната (Скудето, Лига на шампиони и Куп на Италија).
Сега Интер е на праг да направи ново чудо и стигне до два пехари, еден од Лига на шампиони и еден од Куп на Италија.
„Се сеќавам на дербито кое играв штом дојдов од Лацио. Победивме 2:0 а јас дадов гол од слободен удар. Игравме со играч помалку, јас требаше да излезам од игра, но изведов слободен удар и постигнав гол.
Дерби дуелите се многу емотивни и прекрасни натпревари. Марко Матераци тогаш ми помогна многу, беше како татко во Интер, за мене најважен. Штом дојдов, ми пружи голема помош, иако претходно кога игравме еден против друг ме разбиваше.
Јас пред двата натпревари против Барселона не спиев а не спиев ни пред финалето. Внатре во себе чувствуваш емоција која после пет минути како почнал натпреварот, се враќа во нормала. Во Интер има многу искусни луѓе и во последниов месец играат фантастични натпревари.
Но мора да го заборават првиот дуел од полуфиналето против Милан и да не мислат да одат на 0-0. Нераѕурите мора да играат нивна игра и можат да поминат во финале.
Физички се одлични а Инзаги пронајде играчи од клупа кои сега ја прават разликата. Како да се одблокираа сите и даваат голови. Интер позади е компактен и добро се држи во одбрана. Убеден сум дека и утре ќе одиграат одличен натпревар“, изјави Гоче синоќа за Скај Спорт 24 од плоштадот Дуомо во Милано.
Тој го следеше првиот натпревар во живо, ќе го следи и вториов кој лесно би можел да значи ново големо финале за Интер во Лига на шампиони.
На новинарска констатација дека е сакан насекаде каде и да оди, Горан вели: „Пробав каде и да сум да го дадам најдоброто можно, понекогаш ти успева, понекогаш не, но секогаш се трудев да го дадам максимумот“.
Од оваа причина легендарниот капитен на македонската репрезентација е почитуван и ценет каде и да оди, од Неапол до Милано, преку Џенова до Истанбул.
За Симоне Инзаги како тренер.
„Што мислам за Инзаги? Го познавам добро, игравме заедно во Лацио. Сега работи нешто друго, сериозен човек е, смирен, знае да трпи. Веруваше дури и кога работите не одеа на добро. Работи одлична работа, одлично му оди во тешкотии и особено ако влезе во финале на Лига на шампиони, веќе направил огромно нешто. Би било прекрасно ако освои, навивачите на Интер го заслужуваат тоа“.
За управата.
„Интер има двајца прекрасни спортски директори во Марота и Аузилио. Аузилио го познавам уште од времето на младинците и го знам неговиот квалитет, го покажува. Покрај себе го има Марота, многу голем диригент. Според мене ако сезонава на Интер е позитивна и ако на крајот влезат во финале на Лига на шампион и го освојат Купот на Италија, според мене ќе имаат прекрасна сезона.
Имаат четири одлични напаѓачи напред, според меене не можеш да згрешиш зошто сите се одлични во моментов. Кореа имаше некој проблем, но другите напаѓачи знаат да прават разлика. Пресреќен е тренерот што има такви центарфори, дури и кога се по малку минути на терен и два пати се спојат со топка, спремни се да направат разлика“.