Не се раѓа уште еднаш лик како Дарио Хубнер, ниту пак имало друг со животна приказна како неговата, која му се претвори во бајка откако ќе видите како почнал. Тие што пратеа италијанско пред 20 години, знаат за што зборуваме.
Култниот “бизон“ се прослави како напаѓач во Бреша и Пјаченца. Кај првиве друштво во напад му правеше Роберто Баџо, а со вторите стана најдобар стрелец на сезоната 2001/2002, признание кое го подели со Давид Трезеге со кој постигнаа по 24 гола. Давид 25, а Дарио тогаш 35 годишен.
Сам ќе ви каже за себе, оригинално и искрено до даска. Људина.
„На 16 години работев како ковач во фабрика, на 20 години играв во трета лига, а на 30 години стигнав да заиграм во Серија А. Без да загрозам никого. Кога ќе помислам на мојата кариера, еден млад човек кој игра во аматерска лига и работи нормална работа, може да се надева дека и тој ќе стигне до Серија А.
Мојот еволуција беше бавна. Прво ме нарекуваа овен, а потоа муле. Први кои ме нарекоа Бизон беа навивачите на Чезена. Мислам дека тоа е најадекватен прекар, бидејќи се работи за животно на кое личев во начинот на трчање.
Моите пороци? Бев оригинален, но веројатно и глупав бидејќи пушев пред сите. На подготовки моето шкавче беше полно со запалки за цигари. Другите купуваа, пушеа од сабота до недела пред натпревар и толку. Не кажуваа ниту дома на жените за да си го спасат имиџот.
Но јас си велев. Па од што треба да се срами човек? Јас секогаш пушев пред натпревар. Добро, само по некој дим, не цела цигара. Тоа ме опушташе на полувреме.
Секој има свој стил на живеење. Некој одеше на масажи, друг пиеше минерални соли, а јас одев во тоалет и палев цигара. Дали се жалеа тренерите? Не, затоа што знаеа дека бев таков човек. Јас спортував од утро до вечер и белите дробови бргу ми се ослободуваа. Секако има и такви кои претеруваат, но тоа не е добро.
Ми се допаѓаше да пијам и ракија, но никогаш не одев пијан на натпревар. Отсекогаш велам дека фудбалерите може да испијат по неколку чаши алкохол неделно и потоа да си легнат рано, да се разбудат во 7 и да водат професионален живот.
Има и такви што се штедат, ама па затоа одат во диско до доцна. Сите мислат дека не бев голем професионалец, но јас можеби бев многу поголем од многу други“.
Дарио е во право, затоа што изгледот често знае да мами, а тој има и факти зад себе со кој може да ги побие тие што го критикуваат, па прашува:
Ако не сум професионалец, како ќе успеев да станам најдобар стрелец во Серија Ц, Серија Б и Серија А и тоа последново на 35 години?
Или ако не сум професионален, како тогаш ќе постигнев преку 300 голови во кариерата?
Плус Хубнер ќе остане еден од најсаканите напаѓачи дојден од периферија, кој од работничка класа стигна до рајот.
А како пак дебитираше во Серија А? Врвно. Сонот му се исполни на Сан Сиро на мечот Интер – Бреша одигран на 31 август 1997-ма. На таа фудбалска претстава дебитираше уште еден напаѓач, а тоа е Роналдо од кој 80.000 навивачи чекале веднаш гол.
Но шоуто му го краде токму Хубнер, кој добива една топка со очи од Пирло, ја прима на колено со една, а потоа ја кова со другата во агол. Паљука не ја ни виде.