Глупчо, требаше да останеш во Реал кога имаше 14 години

Поранешниот агент на Нејмар се огласи по повод најновиот скандал на Бразилецот на кој му го замрзнаа имотот и му порача дека треба да си ги земе парите и да ужива на плажа по Европа.

Бразилскиот суд го замрзна имотот на Нејмар во вредност од околу 42 милиони евра, како и фирмите на неговото семејство со образложение дека на државата не и платил данок од 14 милиони евра за периодот од 2013-та до 2015 година.

Решение за проблемот му понуди неговиот поранешен агент Вагнер Рибеиро:

„Требаше да остане во Реал Мадрид кога беше дете. Грешката ја направи татко му кога инсистираше да се врати во Бразил откако беше на проба во Реал на 14 години. Да останеше во Реал Мадрид сега ќе имаше шпанско државјанство и немаше да ги има овие проблеми со судовите во Бразил. Испадна глуп, а ќе беше мирен. Сега му преостанува парите кои ги има да ги прати во некој даночен рај, легално се разбира. Нејмар мора да престане да биде добар Бразилец. Нека ги затвори сите фирми, нека си ги земе парите и нека ужива по плажите на Медитеранот со своето семејство“.

Рибеиро има уште нешто да каже за ѕвездата на Барселона:

„Ја знаете ли онаа старата: `Човек си оди од село, но селото од него не излегува никогаш`. Кога сиромашните деца стануваат богати, стануваат глупави. Кога сака да работи законски, прави голема грешка и тие заработени пари стануваат обележани, посебно кога во земјата влегува од странство“.

На крајот му даде и завршен совет:

„Дечко, само паметно. Опушти се и играј добар фудбал уште неколку години, а потоа заврши ја кариерата во Реал“, вели поранешниот менаџер на бразилскиот репрезентативец.

За Нејмар ова не се први проблеми откако замина да игра во Шпанија. Спорен беше и неговиот трансфер во Барселона во 2013 година. Најпрвин беше објавено дека заминува од Сантос на Камп Ноу за 57 милиони евра, а потоа излезе информација дека Каталонците го платиле 86 милиони евра.

29 септември 2015 - 12:04