Аурелио Де Лаурентис под чие водство Елиф Елмас се радуваше лани на Скудетото, направи скандал во очи на мечот против Барселона, кој Наполи го игра вечерва после оние 1:1 на Сан Паоло.
Претседателот на Наполи пред куп камери и новинари му го прекина интервјуто на Политано, го повлече за рака, му се изнавика на новинарот, а потоа се врати и го турна камерманот кој едвај остана со опремата на нозе.
„Не може да зборува со вас“, и рекол Де Лаурентис на екипата на Скај Спорт.
Инцидентот веднаш се рашири низ шпанскиот и италијанскиот печат.
Причините за гестот на Де Лаурентис сè уште се непознати. Она што се знае и за кое пишуваат италијанските медиуми е дека првиот човек на Наполи одлучил никој од клубот да не зборува за DAZN и дека тв интервјуата ќе ги даваат само со Раи и Скај.
Оваа ситуација со Скај Спорт е нова и Кориере дела Сера пишува дека Наполи за прекршување на тв правата може да биде казнет со 100.000 евра.
Директорот на Скај Спорт, Федерико Фери му одговори на Де Лаурентус преку Твитер.
„За изборот на тоа кој да ги прави интервјуата на Скај Спорт, одлучува Скај Спорт. Немам зборови за тоа што му се случи на нашиот новинар и камерман. Го осудувам без дополнителни коментари. Едно е сигурно, продолжуваме како и секогаш, со професионализам, строгост, кредибилитет и почит“.