На 14 септември 1979 година во малото место Давор (околу 2.500 жители) во Славонија се родил Ивица Олиќ.
До 15 години Ивица не тренирал во школите на некој фудбалски клуб туку играл на аматерски турнири. Набрзо почнал да се запознава со тактика во малиот клуб Марсонија.
НА 17 ГОДИНИ ТРЕБАЛ ДА ПОТПИШЕ СО ИНТЕР, ТРЕНИРАЛ СО ГОЛЕМИОТ РОНАЛДО, АМА ВО ХРВАТСКА БАРАЛЕ МНОГУ ЗА НЕГО
Во пониските лиги на Хрватска бил сметан за нов Ален Бокшиќ (освојувач на Лига на шампиони со Олимпик Марсеј и скудета со Јувентус и Лацио).
Неговиот талент прв го приметил Драган Мариќ, претседател на Марсонија, првиот професионален клуб на Олиќ.
За две години во Марсонија, Олиќ од првата лига на Хрватса испаднал во втора па во трета, но паралелно станувал најдобар стрелец и во втора и во трета лига па добил повик за младинската репрезентација.
После еден турнир во Франција, Олиќ добил повик за проба во Интер. Не Запрешиќ каде се прославил Лука Модриќ туку славниот милански Интер.
„Поминав две недели заедно со Јури Џоркаеф, Роналдо, Тарибо Вест. На следниот ден по доаѓањето на проба дадов три гола и тоа два со десна со која претходно немав дадено гол“, рекол Ивица во едно интервју во 2006-та.
Ми понудија договор. Дури и во основата на договорот имаше клаузула за пријателски меч меѓу Интер и Марсонија во Милано. Сите ѕвезди на Интер играа многу сериозно, победија 4:0. Тоа беше како бајка: во Хрватска никој не ме знаеше и оддеднаш Интер“.
Најмногу од сите во бајката бил воодушевен нормално од Роналдо. Тогаш најдобар играч на светот и добитник на наградата „Златна топка“. Идол на Олиќ кој до пред неколку години го чувал на постер а сега стоел покрај Роналдо.
„Се возев во ист автобус со Роналдо на пријателски натпревари со репрезентациите на Либија и Иран, можев да го допрам со рака. Не верував што се случува со мене, мал клинец од втора хрватска лига! После ми беше сеедно што ќе се случува понатаму, зошто за мене Роналдо беше Бог. Цел пат до стадионот не го тргав погледот од неговата ќелавица. А после мечот му го побарав дресот и до ден-денес тоа е највредна реликвија во мојот дом. На мечот со Иран го заменив токму Роналдо“, се сеќава Олич.
Но бајката брзо завршила. После две недели Ивица се вратил во Хрватска, Марсонија и Интер не се договориле младиот бисер да оди во Милано. Италијанците биле сигурни дека ќе го доведат во иднина како слободен играч а Хрватите барале компензација и цела зделка пропаднала. Од денешна перспектива, какви сè таленти пропаднаа во тој Интер.
Подоцна за супер талентот во Марсонија се јавила Херта, спремна да плати 250.000 евра. Мариќ тврдел дека Олиќ вреди многу повеќе но на крај го продале.
„Јас бев против трансфер на Ивица во Херта, но управата гласаше за. Седевме во ресторан а во очите на тогаш 20-годишниот Олиќ се гледаа солзи. Кажа дека не сака да оди во Германија, но татко му кога ја виде понудата настојуваше на трансфер. На збогување му дадов петсто евра „за кафе“ и му реков: „Среќно и јави ми се нешто ако треба“.
ОЛИЌ БЛЕСНА ВО ГЕРМАНИЈА, КУПИЛ МЕРЦЕДЕС ЗА 70.000 ЕВРА, НО ПАК ИМАЛ НЕФУДБАЛСКИ СИТУАЦИИ
Херта го купила хрватскиот талент но Олиќ никако не се нашол со тренерите. Играл само три меча за прв тим во сезоната 1998/1999 а останатото време бил во втор тим, прво во четврта па во трета лига.
Во тој период од животот пак се појавил претседателот на Марсонија Драган Мариќ.
„Ивица ми се јави пред Божиќ. Беше во депресија, плачеше, викаше како не му даваат да игра за Херта. Во Германија му ветиле дека ќе му платат за стан но го излажале. Ивица требал да плати од свој џеп. Ми кажа дека при крај е со пари дека е во долгови. Тој заработуваше пет илјади марки и ме замоли да го избавам. Веднаш полетав за Берлин и прво го земав на позајмица па го откупив неговиот договор“.
Олиќ голем дел од платата го потрошил на нов Мерцедес - 70.000 марки. Еднаш раскажал дека немал проблем со пари туку со играчко време.
„Кога ми здосади да играм за вториот тим на Херта решив да се вратам во Хрватска. Тренерот на вториот тим на Херта, Фалко Гец се противеше, на управата и кажа: „Не го продавајте Ивица ќе израсне во голем играч“. Ме убедуваше и мене: „Зошто си одиш? Скоро ќе станам главен тренер на Херта и ќе бидеш цело време првотимец со мене“. Во Херта ми плаќаа 12.000 марки а во Хрватска 2.000. Но тоа не ме поколеба. Сакав само да играм“.
Но не било лесно да се откупи неговиот договор од Херта. Германците барале огромни 650.000 марки за него. Марсонија како второлигаш ни на сон ги немала тие пари.
Но набрзо пари им позајмиле британскиот менаџер Стивен Ферт, некои судии и сопственикот на Задар Рено Синовчиќ, како и претседателот на Загреб Мирослав Марчинковиќ и менаџерот Дино Покровац. Мариќ ветил дека ќе ги врати парите кога Олиќ ќе замине во Европа.
ПОЛА ХРВАТСКА САКАЛА ДА ЗАРАБОТИ ОД НЕГОВИОТ ТРАНСФЕР, НЕГОВИОТ МЕНАЏЕР БИЛ ДОЛЖЕН НА СИТЕ И НАВОДНО ДУРИ ГО ВОЗЕЛЕ ВО ГЕПЕК
Марсонија играла катастрофално во тој период. Била најслаб тим во Хрватска по сите показатели: 49 примени голови на 22 натпревари. Изгубиле дома 0:5 од Хајдук.
Но во баражот за опстанок се случило чудо. Во првиот меч Марсонија изгубила од Солин 2:5 а на реваншот неочекувано славела 3:0. Сите пет гола на двомечот ги дал јунакот на приказнава.
Во сезоната 2001/02 Ивица Олиќ потпишал договор со НК Загреб и ја освоил првата и единствена титула во Хрватска. Шпицот таа сезона постигнал 21 гол, дебитирал за репрезентацијата, го дал првиот гол за Хрватска на асистенција на Шукер. Набрзо отиде и на Светско првенство 2002 каде постигна гол против Италија (1:1).
„Еден месец претходно ми се роди првиот син и тој гол му го посветив нему. Имав маичка со неговата слика“, се сеќав Олиќ.
После тој гол против Буфон, Ивица станал најбаран играч во Хрватска. А кај Мариќ дошле „лихварите“.
Рено Синовчиќ барал 1,5 милиони евра па после рекол дека погрешно го разбрале. За долгот кон сопственикот на Загреб Марчинковиќ, газдата на Марсонија рекол: „Не добив 750.000 евра од Марчинковиќ. Загреб тие пари ги даде на Марсонија и доби право на процент од следниот трансфер“.
На 14 август Ивица потпишал со Динамо Загреб.
Хрватски „Национал“ во 2003 пишал за методите кои ги употребил Динамо за да го доведе сјајниот Олиќ.
„На 12 август сопственикот на една компанија, Вјеко Чуљак го стрпал Драган Мариќ во багаж и го возел низ градот а после го однел на терен на фудбалскиот клуб Трње. Таму Мариќ под закана со пиштол бил присилен да вети дека неговиот играч нема да прејде во Хајдук туку во Динамо. Од тој момент Мариќ бил под полициска заштита се до потписот на договорот со потпретседателот на Динамо Здравко Мамиќ“.
После 7 години Мариќ за Вечерњи Лист ја демантирал приказната со пиштолот:
„Таа приказна со багажник и пиштол е измислена. Да, ние имавме договор со Хајдук но тренерот на Динамо Мирослав Чиро Блажевиќ ми се јави пред мечот со Славен Белупо. Во ВИП ложа таму на стадионот ме навредуваше потпретседателот на Динамо Мамиќ. Сигурен бев, Олиќ ќе оди во Хајдук и ќе добива 750.000 евра по сезона. Но ми се јави тренерот на Динамо, ми понудија 300.000 евра, му кажав на Ивица и тој прифати за Динамо“.
МОЖЕЛ ДА ОДИ ВО ЈУВЕНТУС НО ГО ПРОДАЛЕ ВО ЦСКА МОСКВА
Во Динамо Загреб Олиќ го потврди статусот најголема ѕвезда на хрватскиот фудбал. Освои шампионска титула и стана најдобар стрелец со 16 гола. Стана и лидер на репрезентацијата од која после Светското 2002 заминаа Шукер, Бокшиќ и Влаовиќ.
На „Максимир“ стигнале понуди од Рома, Тотенхем, Саутемптон, Болтон и Јувентус.
„Најмногу сакав да одам во Јувентус. И се беше решено. Отидов и во Торино. Италијанските весници веќе ме промовираа во играч на Јуве. Имаше и фотографија од мене и Виеира со наслов: „Новите играчи на Јувентус“. Но мојот тим бараше 12 милиони марки (околу 6 милиони евра), Јувентус прифати, па кога во Динамо видоа дека Италијанците се спремни да дадат многу, побараа 15 и тука заврши се“.
Во Динамо Загреб се прецениле. На тоа влијаел и процентот кој Динамо требал да ѝ го исплати на Марсонија.
А Ивица не го интересирале пари сакал само да игра. Трансферот во Јуве пропаднал но набрзо се јавила ЦСКА Москва која Хрватот го купила за 5 милиони евра помалку од што нудел Јувентус. Но Динамо немал избор, Ивица сакал да игра за друг клуб.
„Во Хрватска малку кој сфаќаше што се случува. Сите викаа: „Кај ќе оди?! Во ЦСКА?! Па он е најдобар стрелец во Хрватска. Татко ми се држеше за глава: „Каква Русија Јувентус те бара!“
И овој трансфер го прателе многу финансиски махинации, така вообичаени за хрватскиот клупски фудбал каде до ден-денес има судски рочишта, обвиненија и пресуди.
ВО РУСИЈА БИЛ ПРИМЕР ЗА ПРАВ ПРОФЕСИОНАЛЕЦ, ДОШОЛ СО СВОЈ ЛИЧЕН ТРЕНЕР
Во Москва Ивица Олиќ конечно нашол спокој. Решил да стави крај на сите комуникации со сомнителните менаџери и газди на клубови кои барале некакви проценти.
Трансферот на Олиќ во ЦСКА станал рекорден во Русија. Тој планирал во првата сезона да стане најдобар стрелец и да освои титула со ЦСКА па да оди во поголем клуб.
„Ако играм добро Роман Абрамович ќе обрне внимание на мене и ќе ме викне во Челси“, рекол Олиќ еднаш во 2003-та.
ЕПСКИОТ УСПЕХ НА ВАРДАР КОЈ ОДЕКНА СИЛНО ВО РУСИЈА
Но првите денови во Москва му биле тешко. Олиќ потпишал на пар дена пред првиот меч со Вардар во квалификациите за Лига на шмпиони 2003/2003 (така сладок спомен за сите навивачи на скопскиот клуб). Сумата за трансферот на Олиќ била неколку пати поголема од буџетот на Вардар но не успеале да го регистрираат за тој двомеч.
Вардар тогаш ги одигра можеби најславните дуели во својата историја а навивачите на ЦСКА го претрпеа можеби најболното испаѓање во историјата.
Но затоа Олиќ помогнал многу во руското првенство. Во Москва пристигнал со Игор Јукиќ кој работел во хрватскиот институт за физичко воспитание, но пет пати годишно доаѓал во Москва и му помагал на хрватскиот шпиц да одржи форма.
Тренерот на ЦСКА Москва тогаш терал некои свои принципи и рекол дека Хрватот е должен брзо да научи руски или нема да игра.
На соиграчот на Олиќ и лидер на тимот Елвер Рахимиќ, Газаев му рекол: „Со Ивица ќе збориш само на руски! „Шефе како да зборам само на руски кога он само што стигна“, прашал Босанецот. „Не ме интересира, мора брзо да научи руски“.
„Прво тоа ме збуни. Мислев дека нема да ме игра. Ама после кога виде како брзо сфаќам и зборам руски, му кажав на Газаев фала за тоа што ми постави таков услов. Тоа многу ми помогна во средината зошто можев да зборам и со другите соиграчи не само со Рахимиќ“, се сеќава Олиќ.
Брзо стана најдобар играч на тимот и во тандем со Вагнер Лав доминираа по руските терени.
Таа сезона се отворало и шампионското шампањско а брзо и водка. Олиќ бил во одлична форма и во 2005-та година, постигна три гола во 4 меча од првенството пред финалето на Купот на УЕФА.
За жал на неколку дена пред големото финале во Лисабон, го скршил носот при еден дуел. Му направиле индивидуална маска но не успеал да одигра до крај зошто му ја поткачил стоперот на Спортинг Бето.
Со таа маска Ивица одиграл 67 минути па го извадиле од игра.
После една година ЦСКА потпиша со Бразилецот Жо кој му го зема местото на Олиќ во напад покрај Вагнер Лав и се испостави заслужено затоа што постигна неверојатни 14 гола на 18 меча!
После неколку натпревари на клупа за резерви Олиќ се прашал што прави уште во Москва. „Посебно ми беше болно кога мечот со Арсенал го изгледав од клупа. Или мечот со Порто. Ни минута не ме ставаа во игра иако дадов шест гола на шест меча претходно“.
ПАТОТ ГО ОДНЕЛ ВО ГЕРМАНИЈА КАДЕ СТАНА НАЈДОБАР ИГРАЧ И НА 30 ГОДИНИ ПОТПИША СО БАЕРН МИНХЕН
Лидерот на хрватската репрезентација го доби најдобриот договор во својот живот. Потпиша со Хамбург кој игра на преполн стадион со 60.000 гледачи, со одлична трева, навивачите го засакале од прва.
Хамбург таа сезона завршил на 7 место а во следната сезона Олиќ бил меѓу најдобрите стрелци во Бундеслига со 14 погодоци (повеќе имале само Курањи, Гомез и Лука Тони).
Во 2007-ма година Јувентус пратил понуда до Хамбург но Германците ја одбиле па Јуве го купи Винченцо Јакинта.
Ивица Олиќ ја водеше Хрватска на Европското 2008. Беше стрелец на гол во епската победа на Вембли во квалификациите против Англија кога Хрватска славеше со 2:3 и ги остави Англичаните без Евро а ги однесе Русите. На голманот на ЦСКА Акинфеев му пишал смс порака: “Тепавме за Русија“.
Благодарение на тие блескави моменти во 2009-та потпиша со Баерн Минхен. И таму на 30 години ја потврди својата класа. Во првата сезона постигна страшни 19 гола во сите натпреварувања (повеќе од него имаше само Арјен Робен). Хрватот ги истисна од составот едни Клосе и Лука Тони, заби и 7 комада во Лига на шампиони (повеќе даде само Меси). Во полуфиналето на ЛШ против Лион забележа хет-трик.
Подоцна играше уште за Волфсбург, Хамбург и Минхен 1860. На 35 години се појави и на Светското првенство 2014 во Бразил и дури даде гол против Камерун.
По крајот на фудбалското патешествие, Ивица Олиќ седна во стручниот штаб на репрезентацијата на Хрватска каде им беше помошник на неколку селектори на големи натпреварувања.
На 23 март 2021 година го промовираа во нов тренер на ЦСКА Москва каде ќе го замени Белорусинот Виктор Гончаренко и ќе се обиде успешно да заплива во тренерски води.