Моменталниот трансфер систем важи од 2001-та година по воведувањето на Босмановото правило, но според ФИФПро, играчите се уште немаат доволно слобода.
Трансферите на слободни фудбалери без договор се вистинска реткост во водечките лиги, па челниците на Здружението на професионални фудбалери се решени да го олеснат трансфер системот со кој играчите ќе можат лесно да менуваат клубови, исто како што и работниците преминуваат од една компанија во друга.
Фудбалските клубови бараат тренинг компензација кога некој играч ќе премине во друг европски клуб, а сумите се многу поголеми од реалните трошоци. Оваа тренинг компензација е во спротивност со законите на Европскиот суд за правда, но за тоа не се дискутирало во 2001-та година кога бил воведен трансфер системот по преговорите помеѓу ФИФА, УЕФА и Европската комисија.
Според ФИФПро, овие правни и монетарни окови ги врзуваат фудбалерите за нивните клубови и тие ќе преземат правни мерки за промена на трансфер системот со помош на Европската комисија, Европскиот суд за правда и Европскиот суд за човекови права.