Во август 2010. година, 71% од акциите на фудбалскиот клуб Форест Грин ги купил Дејл Винс, човек кој важи за најбогатиот вегетаријанец на светот и кој младоста ја поминал во патешествие низ Индија и Непал, а потоа научил да прави пари од воздухот - поточно од ветер: ја основал компанијата Ecotricity која што преработувала енергија од ветер во електрична енергија.
Откако поставил ветерници во градот Глостершир, Винс решил да се обиде и со колектори за сончева енергија и во целост го освоил „зелениот“ бизнис. Веќе до октомври истата 2010-та, Винс постепено го менувал менито на исхрана на фудбалерите, стручниот штаб и сите вработени, па така го отстранил месото.
Пред неговото доаѓање, на играчите редовно им се сервирале лазање но Винс сметал дека месото е тешко за дигестија. „Секако дека е погрешно да ги храниш фудбалерите со нешто што ќе ги успорува нивните перформанси“, рекол тогаш Винс Дејл за The Independent.
Набрзо Дејл забранил и служење риба, млеко, сирење, кашкавал, воопшто било какви млечни и месни производи. Пред стартот на сезоната 2014-та во јуни, клубот од Глостершир бил целосно вегански.
„Лично јас сум вегетаријанец и имам силни погледи на околоината, на здравјето на луѓето и на животните“, ја објаснил одлуката Винс.
Некои од навивачите биле лути на таквата одлука што за време на натпреварите може да купат само вегетаријанска храна, а некои брзо се привикнале на тоа што нема традиционални бургери и пива. Винс тогаш одлучил ма кровот од стадионот „The New Lawn“ да инсталира 170 соларни панели. На менито за навивачите се нашле семки од тиква, вегетаријански бургери, хумус, моркови, печурки, праз, колачи од црници (дудинки) и разни веге-специјалитети.
„Не само што правиме вкусна храна, туку и штедиме електрична енергија за нејзина подготовка затоа што 10 пати повеќе струја ви треба за да зготвите нешто со месо“, вели Дејл.
Следен голем предизвик на Форест Грин е изградба на нов стадион чија конструкција наместо од стандардните бетон и челик, ќе се гради од чисто дрво. Капацитетот на овој еко-стадион ќе биде 5.000 места со потенцијал да се прошири на 10.000 седишта. Стадионот е дизајниран од Заха Хадид архитектонското друштво и ќе изнесува околу 100 милиони фунти.
Тревникот на сегашниот стадион ((навивачите воглавном им доаѓаат од градчињата Нејлсворт и Страуд) се одржува со природни средства, никако не го прскаат со вештачки препарати какви што се користат во 99% од стадионите во светот. Форест Грин во моментов е третопласиран во Националната лига (петта по ранг во Англија) со 86 бода и за малку не обезбеди пласман во четвртата лига. Тоа ќе се обидат да го направат преку баражот.