Холандскиот стратег Луј Ван Гал реши да ги измеша картите за овој натпревар, но и покрај тоа некои првотимци беа во првиот состав. Де Хеа, Еванс, Кагава, Ернандес и Велбек не успеаа да го спречат најтешкиот пораз на клубот во последните деценија две.
Колата тргна удолу за тимот од „Олд Трафорд" веќе во 22. минута кога Џони Еванс направи кардинална грешка во казнетиот простор, по што Вил Грег го совлада Де Хеа.
Во второто полувреме, наместо офанзива и јуриш на гостите, домашните повторно преку Грег во 63' минута зголемија на 2:0. Веќе во 70' минута на семафорот стоеше 3:0, откако Беник Афобе, позајмениот играч го матираше Шпанецот Де Хеа. Конечните и неверојатни 4:0 ги постигна оној што го отвори резултатот, Вил Григ на шест минути пред крајот.
После овој пораз, тимот на Јунајтед испадна од Лига купот и ова беше третиот официјален натпревар без триумф на Манчестер по започнувањето на сезоната, откако ремизираше со Свонси и со Сандерленд во првенството.
Дебаклот во градот од југо-источна Англија дојде во денот кога на Трафорд го промовираа Аргентинецот Анхел Ди Марија, играч кој тежи 59,7 милиони фунти.
За оние кој сакаат суми, годишната плата на најскапиот играч на МК Донс изнесува 275 илјади фунти, колку што Вејн Руни зема за една недела.