
Со головите на Џордан и Андре, селекцијата на Гана го совлада Конго со 2:1 и со тоа обезбеди полуфинале во Африканскиот Куп на нации каде ќе игра против Камерун. Андре и Џордан се браќа кои заедно стигнаа до 10 гола на ова континентално натпреварување (8 Андре, 2 Џордан).
Со оваа нивна реализација тие се подобри од нивниот славен татко Абеди Ају или попознат како Абеди Пеле кој беше во кариера од 1980-та до 2000-та, како и нивниот чичко Кваме Ају.
Фамилијата Ају се рекордери со вкупно 16 настапи и 18 голови на Африканскиот Куп на нации. Абеди е прв со пет учества меѓу 1982-ра и 1998-ма, Кваме има три (1996, 1998 и 2000). Од синовите на Абеди најмалку има најстариот негов син Рахим кој настапил само еднаш (2010). Андре има четири, а Џордан три учества.
АБЕДИ ПЕЛЕ – ТАТКОТО (52)
Прв на Купот на Африкански нации се појави најстариот или главата на фамилијата. Тоа беше во 1982 година во Либија каде Абеди на само 17 години го освои континенталното натпреварување. Таму го завикаа Абеди Пеле. Смени неколку клубови, играјќи во Саудиска Арабија, Швајцарија, Германија, Италија (Торино).
Најголемиот белег го остави во Франција каде беше член на Лион, Лил и Олимпик Марсеј со кој ја освои Лигата на шампионите во 1993-та кога во финалето го совладаа Милан. Гана ја немаше во Купот на Африкански нации 10 години, а кога се врати во 1992-ра стигна до финале каде загуби од Брегот на Слоновата коска на пенали.
Пеле играше во напад и важи за еден од најдобрите африкански фудбалери во историјата. За него има и една анегдота. Кога во 1996-та дознал дека за него е заинтересиран клубот од Минхен мислел дека таму постои само Баерн и потпишал договор за Минхен 1860 каде им станал миленик на навивачите.
КВАМЕ – ОЛИМПИЕЦ И ХУМАНИТАРЕЦ (43)
Кваме Ају е 9 години помлад од неговиот познат брат Пеле. Тој е фудбалерот кој беше дел од репрезентацијата на Гана која го освои првиот медал за една фудбалска земја во Африка. Се работи за бронза на Олимписките игри во Барселона 1992. Играше три пати на Купот на Африкански нации, два пати со брат му и последен пат во 2000-та кога постигна два гола.
Во 2004-та беше најдобар стрелец во Кина од каде се врати во родниот крај и направи црква и сиропиталиште за да им помага на луѓето. Тој е евангелист, а брат му и неговите внуци се муслимани.
Абеди и Кваме имаат уште еден брат кој кариерата ја гради на домашно тло.
ИБРАХИМ (28)
Се работи за најстариот и единствен син на Абеди кој е роден во Африка (1985). Името му е Ибрахим, а го викаат Рахим. Во 2010-та настапи на Купот на Африкански нации и на Мундијалот, заедно со брат му Андре, но за жал не доби шанса да влезе во игра. Член е на клубот Европа во Гибралтар.
АНДРЕ (27)
Роден во Франција и израснат во Марсеј, Андре е дел од Вест Хем и го игра четвртиот Куп. Стрелаше на три изданија до сега и во отсуство на Асамоа Гаун, тој е капитен на Гана. Се работи за најдобриот талент во фамилија кој се надева дека ќе го скрши малерот во Купот на Африкански нации. Мечот против Камерун во четврток ќе му биде четврто полуфинале. Во 2010-та и 2015-та загуби во финале и очајно многу сака да го врати пехарот во Гана, последен пат освоен од неговиот татко пред 35 години.
ЏОРДАН (25)
Роден во Марсеј, а член на Астон Вила, најмалиот син на Пеле често е критикуван поради недостатокот на конзистентност во неговите настапи. Пред две години беше стрелец кога заедно со брат му Андре му се случи истата судбина како на нивниот татко. Пораз во финале на пенали од Брегот на Слоновата коска. Со оглед на неговите 25 години, а турнирот се игра секои две години, тој има шанса за одмазда. Во случај да не успее, кланот Ају продолжува бидејќи Пеле има и внуци.