Фабрицио Миколи - идолот на Палермо кој беше дел од мафијата

И покрај добрите дела што ги прави, тој во меѓувреме ги загубил симпатиите на луѓето од Палермо. Неговите хуманитарни дела и емпатија не биле доволни да ја сочуваат љубовта затоа што во потрага по пријателства и признавање на сомнителни кругови отишол предалеку.

Сонцето само што заоѓало зад големиот рид во Палермо а останатите зраци ја осветлувале оградата на домот на Фабрицио Миколи. Капитенот штотуку се враќал од треннг. Се чуствувал лут и иритиран: на тренингот опоменувал неколку млади деца дека е подобро да не доаѓаат во тренинг базата ако работат така мрзеливо и безволно.

Во еден момент на совозачкото седиште силно завибрирал телефонот.

- Брат, се ослободи ли? Морам итно да те видам.

- Добро, Мауро. Ајде да се најдеме кај дрвото кај ѓубрето Фалконе за пола саат. Само што се вратив од тренинг. Ти одговара?

- Може. Те чекам брат.

Капитенот на Палермо разговарал со другар му Мауро Лауричела, син на шефот на мафијашката дружина „Искра“ од крајбрежниот кварт Калс.

„Јас не судам никому по неговото презиме. Ние се запознавме во тренинг базата на Палермо, Мауро беше фудбалер, играше во пониските лиги. На страна историјата на семејството, тој беше вреден човек. Ми кажа дека му фалела дружба, љубов и внимание, па затоа се трудев да го поддржам. Некогаш пиевме заедно“, раскажувал Миколи.

На Сицилија Фабрицио имал многу пријатели. Едноставно Палермо го примил со раширени раце: одел на добротворни вечери со чиновници, ловел риба со рибари, пиел со мафиозите, а жена му за тоа нон-стоп му трубела дека повеќе време проаѓа со сите отколку со неа и децата.

Во Палермо Миколи се чувствувал како крал. Даваше голови и асистираше практично на секој меч. Му се поклонувале на улица, младите го нарекувале „сињоре“. Фабрицио бил пожелен гостин во секој дом од градот: го канеле а тој не сакал и не можел да ги одбие.

Фабрицио уживал во славата зошто претходно животот ни малку не го галел. Почнал како мал во јуниорскиот состав на Милан, спиел во црковни домови, а семејството го гледал само на Божиќ. Кога му фалел домот, се вратил во родниот крај, бил на проба во блискиот Лече но таму не го примиле поради малиот раст и големата тежина.

Стигнал до Тернана, па доби повик од славниот Јувентус, но таму тогаш беше Лучано Моџи. Лукавиот Моџи барал Фабрицио да го отпушти својот агент и на негово место менаџер да стане неговиот син. Центарфорот одбил: „Зошто би избркал некој кој ме проби во врвниот фудбал“?

Моџи ги буцкал и хушкал играчите против Миколи, го провоцирал малиот „Јужњак“ а еднаш дури и фудбалерите раскажувале како Моџи го заклучил Фабрицио во клупскиот автобус.

Половина од правата на Миколи ги откупила Фиорентина - таму снажниот Фабрицио ја спаси екипата од испаѓање во Серија Б и стана миленик на навивачите од Фиренца, но по крајот на сезоната Јувентус на слепа аукција предложил голема сума и си ги вратил правата на Фабрицио кој стана и репрезентативец. Следуваше позајмица во Бенфика, во Лисабон каде даде серија убави голови но имаше и серија досадни повреди кои му ја уништија кариерата.

Во дресот на Палермо стана икона. Во февруари 2010 година Миколи го даде најубавиот гол во кариерата и еден од поубавите во историјата на Серија А. И тоа против Јувентус сред Торино.

Во август 2011 година во рани зори Миколи се качил во кола после бурна ноќ во кафеана. Тоа било во слободните денови по напорните и исцрпувачки подготовки во Австрија, па грев било да не се напие со другарите.

Фабрицо поднапиен му ѕвонел на Мауро. Долго време не се слушнале, па во шумата вицови и песни пак се слушнала фразата за „ѓубрето Фалконе“. Записите од разговорите на Миколи и Лауричело некој доушник од полицијата им ги дал на новинарите. Полицијата му го прислушкувала телефонот на Мауро со цел да го уловат неговиот татко, бос на мафијата. Подоцна Антонио Лауричело бил уапсен кога купувал овошје на пазарот во Палермо.

ФАЛКОНЕ - ХЕРОЈОТ ВО БОРБАТА ПРОТИВ МАФИЈАТА

Обвинителот Џовани Фалконе многу сакал фудбал. Самиот ги советувал сицилијанските деца да трчаат по топка и така ќе немаат енергија и време за незаконски искушенија. Фалконе сакал да оди на море, веслал во друштво.

Во морето никој не го вознемирувал: таму имал време да размисли за судбината на членовите на „Коза Ностра“ за кои активно собирал докази. Фалконе имал цврсти докази против Томазо Бушети - поглаварот на кланот којшто изгубил во војната на мафиозите и бил тргнат од списите. Тој го нарушил „кодексот на честа“ (Омерта') и се согласил да стане доушник.

Неговото сведочење било основа за главното судење а како резултат на тоа 360 тешки криминалци завршиле зад решетки. Мафиозите викале: „Фалконе е подоопасен и од славниот Марадона. Може да го сопрете само со прекршок.“

Така и се случи на 23 мај 1992. година. На пат од аеродромот во Палермо, војник на мафијата се разнел во воздух откако ја активирал направата на која имало пола тон динамит. Бандитот Џовани Бруска кој го викале „Свињата“ го наместил страшниот експлозив на патот.

Експлозијата била толку моќна што сеизмичките сензори забележиле мал земјотрес во целиот регион. Фалконе, неговата сопруга и тројцата телохранители загинале на лице место. 

После два месеци нова жртва на мафијата бил и судијата Паоло Борселино - соборец и пријател на Фалконе. Убиствата на Фалконе и Борселино ги нарачал босот на „Коза Ностра“ Салваторе Рина наречен „Џуџето“. Рина бил роден во селцето Корлеоне а на 18 години убил човек по наредба на мафијата. Тогаш првпат лежел во затвор.

По излегувањето од затвор учествувал во свргнувањето на многу мафијашки босови додека самиот не стигнал на „тронот“. Салваторе Рина лучно убил десетина луѓе зошто часовникот задоцнил. Според него, тој сакал да го убие началникот на карабинерите во Палермо но многу бандити на мотори пукале во туѓи возила. Парадоксално, но Рина спокојно и мирно живеел во Палермо, не се криел и не бегал од правосудните органи. По атентатот врз славните судии Фалконе и Борселино, Рина завршил во затвор.

На 17 ноември 2017 година, пред десетина дена Рина почина во затворската болница во градот Парма на 87 години.

На улицата „Нотарбартоло“ каде што бил домот на Фалконе било посадено дрво како некој вид споменик во чест на храбриот судија Фалконе. Тука положувале свежо цвеќе, палеле свеќи и оставале пораки и фотографии. Таму кај тоа дрво се сретнале Миколи и Лауричела кога рекле кај дрвото на „ѓубрето Фалконе“.

„Миколи е лицемер! Учествуваше на благотворен меч во сеќавање на Фалконе и Борселино, па дури им посвети и гол. Но на самиот крај шефот на мафијата беше поважен за него“, рекла сестрата на Фалконе, Марија.

На аудио-снимките кои ги поседувала и полицијата имало многу љубопитни работи. Миколи се слуша како бара од менаџерот да му продаде четири СИМ картички а една од картичките му дал на Лауричело.  На друг разговор се слуша Миколи како зборува со Франческо Гутадауро, роднина на еден од најопасните бософи на „Коза Ностра“, Матео Месина Денаро.

„Не доаѓај денес во тренинг базата, пак ќе доаѓаат џандари“, го предупредил Миколи неговиот другар Франческо.

На суд подоцна некогашниот репрезентативец на Италија се правдал дека така рекол затоа што базата „Кармело Онорато“ бил затворен објект и тежок да се пронајде. Во близина е воениот аеродром којшто и припаѓа на италијанската армија па Палермо тука е само кираџија (подстанар). Но тоа не било се. На Интернет се појавила фотографија на Миколи со Џакомо Пампилоне кој неодамна го уапсија во време на акција во борба против мафијата. Во коментарот до сликата пишува: „Во мојот дом гостин беше Миколи“.

Убави зборови, но обвинението не гледало многу на нив. Што било мотив на средбата?

Миколи барал од Лауричело да се види со сопственикот на ноќниот клуб „Папараци“ којшто работел лошо. Физиотерапевтот Џорџо Гасперини којшто имал удел во клубот му должел 12.000 евра на Миколи, но западнал во криза и не можел да му го врати долгот.

„Просто викни го на доручек и објасни му за да те разбере. Таму се 12 - десет за Гасперини, две за тебе“, му рекол Миколи во телефонски разговор на Лауричело. Мауро заедно со пријателот мафијаш го исполнил барањето на капитенот на Палермо и го присилиле должникот до денар да ги врати парите. Беседата се одиграла во хангар во реонот Калса.

„Јас не одам во дискотеки, не знам ниту да танцувам. Затоа Мауро оди постојано зошто таму ги знае сите. Побарав од него да ја реши ситуацијава“, рекол Миколи на суд.

Обвинителот не поверувал и барал четири години затвор за Миколи а судот се согласи на три ипол.

„Јас сум фудбалер, а не мафиозо. Мене ме понесе мојата детска наивност. Се трудев да бидам дружељубив, никогаш не сум поврзан со ниедно дело. Сакам да барам прошка од жителите на Палермо. Одеднаш станав асоцијација на нешто лошо со кое ме поврзуваше Марија Фалконе. Сакам моите деца да ги воспитувам во духот на законот. Против мафијата сум“, се правдал некогашниот центарфор на Јувентус, Палермо, Бенфика, Перуџа.

Миколи пред извесно време во родното село Сан Донато ди Лече отворил спортски центар каде стотина деца играат и тренираат во идеални услови. Тој донирал и во хуманитарни цели за болницата Санта Кристина.

Миколи ја заврши кариерата пред неколку години а и покрај добрите дела што ги прави тој во меѓувреме ги загубил симпатиите од луѓето во Палермо. Неговите добри дела и емпатија не биле доволни да ја сочува љубовта затоа што во потрага по пријателства и признавање на сомнителни кругови отишол предалеку.

На Сицилија знаат дека човек не може да биде добар за сите.