Хески го носеше дресот на „лисиците“ од 1994. до 2000. година и постигна 46 голови на 196 натпревари. 36-годишниот напаѓач досега работеше како амбасадор на Лестер во Австралија, каде играше за Њукасл Џетс во тамошната лига. Екипата од Чемпионшип не даде гол на последните 5 натпревари, а не победила на последните 7 средби и е трета од позади на табелата, по што клубот размислува да го ангажира ветеранот.
„Би дошол без рамислување, едноставно сакам да играм за Лестер, затоа што е голем клуб кој ми овозможи да направам кариера каква што имав. Станав репрезентативец на Англија во времето додека играв за Лестер и тоа за мене е најголемо достигнување“, вели робусниот напаѓач, кој со Лестер го освојуваше Лига Купот во 1997. и 2000. година.
Хески потекнува од младинската школа на Лестер, а како првотимец замина во Ливерпул за 11 милиони фунти во 2000. година. Во Премиер лигата постигна вкупно 110 гола, а играше уште и за Бирмингем, Виган и Астон Вила. 11 години беше репрезентативец на Англија, за која настапи 65 пати.
Последен пат Хески играше фудбал во април годинава, но изјави дека се чувствува доволно подготвен да заигра со составот кој има 25 играчи во моментов.
„Екипата е веќе составен, им требам само јас, да им ја кренам самодовербата. Знам како е кога те критикуваат поради слабата реализација, но момците мора да се носат со тој притисок“, констатираше Хески.
Леонардо Улоа, кој летово го засили Лестер од Брајтон е прв стрелец на тимот со 5 гола, а по еден гол имаат Дејвид Наџент, Крис Вуд, Џејми Варди и Ријад Марез.
Лична карта: Емил Хески
Роден: 11 јануари 1978
Позиција: напаѓач
Кариера: 1994-2000 Лестер 154 настапи, 40 голови, 2000-2004 Ливерпул 150, 39, 2004-2006 Бирмингем Сити 68, 14, 2006-2009 Виган Атлетик 82, 15, 2009-2012 Астон Вила 92, 9, 2012-2014 Њукасл Џетс 42, 10, 1999-2010 Репрезентација на Англија 62,7