Елмас со насмевка се врати дома

Во очи на репрезентативните обврски против Саудиска Арабија и Лихтенштајн, Елиф Елмас се обезбеди со клуб и тоа онаму каде што му беше најубаво. Во Наполи.

Најавата брзо се оствари дека Елиф Елмас ќе направи кам бек на стадионот Диего Марадона, каде имаше одлични партии и максимално ја користеше минутажата.

Италијанскиот шампион ќе му плати на Лајпциг 1,5 милиони евра за едногодишна позајмица со право на откуп следното лето кој би изнесувал 11,5 милиони евра. 

Другите детали од договорот не се познати. Новинарот Николо Скира, кој е експерт за трансфери, пред неколку дена тврдеше дека платата ќе му биде 3 милиони евра.

Македонскиот репрезентативец првиот пат потпиша за Наполи во јули 2019-та година. Одигра 189 меча и постигна 19 гола на сите натпреварувања.

Прво го освои Купот на Италија под водство на Џенаро Гатузо, а потоа и Скудетото кога тренер беше Лучано Спалети.

 
2 септември 2025 - 08:19