Реал Мадрид ја завери титулата

Барселона не успеа да го сопре Реал Мадрид на патот кон титулата. Кралскиот клуб славеше на Камп Ноу по пауза од пет години и со победата од 1:2 го зголеми водството на недостижни седум поени предност во однос на најголемиот ривал.

Спектаклот на 164-то Ел Класико беше најавен со прекрасната кореографија на Камп Ноу. 90.000 картони беа распределени на четирите трибини, а во центарот на кореографијата беше формиран слоганот "Som i serem" што во превод значи „Сме и ќе бидеме", а тоа е дел од подолгиот слоган "Som i serem sempre fidels a tu" („Бевме и засекогаш ќе ти бидеме верни").

Првата голема шанса ја имаше Кристијано Роналдо во 4-та минута, но неговиот удар со глава беше изблокиран од Пујол и топката заврши во корнер преку пречката. По само две минути Дани Алвеш украде една топка и искочи сам пред Касиљас, но голманот на Реал беше побрз и го сопре неговиот налет.

Фудбалерите на Реал Мадрид приредија студен туш за гледачите на Камп Ноу во 17-та минута. По ударот со глава на Пепе, Валдес само на кратко одбрани по што Пујол катастрофално реагираше, а најдобро во оваа ситуација се снајде Сами Кедира кој ја внесе топката во мрежата помеѓу нозете на капитенот на Барселона.

Овој гол не помина без контроверзии. Шпанските медиуми веднаш започнаа дебати. Некои тврдат дека Кедира бил во офсајд во моментот кога биел Пепе, а мадридските медиуми тврдат дека Кедира не бил во офсајд заради ногата на Адриано.

Погодокот на Кедира беше гол број 108 за Реал Мадрид оваа сезона со што тие го срушија рекордот на шпанската Примера кој до сега го држеше Реал предводен од селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Џон Тошак во сезоната 1989/90.

Десет минути подоцна Барселона имаше идеална шанса за израмнување. Меси го проигра Чави кој втрча во казнениот простор, но неговиот шут заврши покрај стативата.

Во првото полувреме Барселона имаше 74% од поседот на топката наспроти 26% на Реал Мадрид, но гостите заминаа на паузата со предност од 0:1.

Фудбалерите на Барселона го зголемија притисокот кон голот на Касиљас во второто полувреме, но по многуте додавања, шансите на домаќините немаа завршница. Најсериозната прилика за израмнување ја имаше Тељо кој по одлилното проигрување на Алкантара, искочи сам пред Касиљас, но шутираше високо над голот.

Гвардиола изненади кога го од игра го извади Чави, а на негово место влезе Алексис Санчез, но само по две минути тој го израмни резултатот. Тељо шутираше во 70-та минута, топката се одби пред голот, Касиљас повторно одбрани, но Санчез успеа да ја затресе мрежата.

Сепак славјето на Барселона не траеше ни 120 секунди. Кристијано Роналдо беше одлично проигран од Озил по контранапад, а Португалецот од десната страна го совлада Валдес.

Во продолжението од натпреварот фудбалерите на Реал Мадрид рутинирано го задржаа водството и ја прославија победата вредна титула и тоа на Ел Класико на Камп Ноу пред 98.000 навивачи на Барселона.

Најголемите шпански ривали се сретнаа по 164-ти пат во шпанската Примера, а по 69-ти пат поуспешна беше екипата на Реал Мадрид. Барселона остана на 64 победи, а 31 натпревар завршиле со реми.

21 април 2012 - 20:55