Легендарниот фудбалер на Милан, Ван Бастен се најде во голем скандал. Тој пред неколку дена во најавата на натпреварот од 14. коло на холандската Ередивизија меѓу Ајакс и Хераклес направил огромен гаф поради кој сега трпи последици.
Тренерот на Хераклес, Германецот Франк Вомут дал кратко интервју по мечот со Ајакс, а на Ван Бастен во студио му бил вклучен микрофонот во живо, па целиот аудиториум слушнал кога во еден момент рекол „Зиг хајл“.
Некогашниот најдобар играч на светот се извинил по реакцијата на јавноста и рекол дека само сакал да објасни дека „Франк е Германец на оние кои не знаат“.
Телевизијата Фокс спортс брзо се оградила од коментарите и ги нарекла „неумесни“, а Ван Бастен е казнет така што целава недела нема да биде во студиото и нема да ги коментира натпреварите од холандското првенство следниот викенд.
Неговиот хонорар ќе биде уплатен на сметка на холандскиот Институт за документација на Втората светска војна, холокаустот и геноцид. За време на Втората светска војна убиени се околу 150.000 холандски Евреи и не чуди што холандската јавност веднаш реагирала на зборовите на Ван Бастен.
Во меѓувреме се огласи и Electronic Artsa (EA), производител и дистрибутер на играта ФИФА, која го исфрли Ван Бастен од видео играта ФИФА 20, односно од тимот на фудбалските икони.
„Свесни сме за изговорените зборови на Марко ван Бастен. Поддржуваме принципи на еднаквост и различност и оечкуваме сите да ги почитуваат во нашата игра. Поради тоа, од сега па натаму ИДОЛ картата на Марко Ван Бастен ќе биде исклучен од видео играта ФИФА“, пишува во соопштението.
Ван Бастен дури по притисокот на целата јавност, „политички“ признал дека погрешил и дека само „лошо се пошегувал“.
Овој гаф доаѓа по жестоката реакција во борбата против расизмот кој се појави минатиот викенд на мечот Ден Бош - Ексцелзиор, кога домашни навивачи го навредуваа напаѓачот на гостите Ахмад Мореира кој го напушти теренот, па се врати и даде гол.