Египет со смрт им пресуди на виновниците

По една година од големата трагедија на египетското фудбалско дерби на кое загинаа 74 навивачи, судот донесе одлука за смртна казна на 21 навивач од вкупно 73 обвинети. Тоа предизвика немири со нови жртви.

Судската одлука донесе различни реакции кај египетскиот народ. Семејствата на жртвите ја прифатија пресудата со големо задоволство, за разлика од семејствата на осудените кои жестоко ја нападнаа полицијата. Немирите донесоа осум нови жртви меѓу кои има и полицајци.

Инаку пресудата ќе му биде пренесена на Големиот Муфтија, врховен религиозен авторитет во Земјата кој треба да ги одобри смртните казни.

Натпреварот кој се одигра во февруари минатата година меѓу Ал Масри и Ал Ахли заврши со триумф од 3:1 на домашниот тим, а по последниот свиреж на судијата настана вистинска војна, во која животот го загубија 74 луѓе.

Навивачите со камења, пиротехнички средства, шишиња и со ножеви усмртија неколку лица од обезбедувањето, неколку членови на гостинскиот стручен штаб минаа со повреди на главата, а гостинските фудбалери успеја да побегнат во тунелот што води кон соблекувалните.

Претседателот на ФИФА Сеп Блатер за инцидентот изјави дека тоа ќе остане црн ден во историјата на спортот.

26 јануари 2013 - 13:52