Легендарниот 87 годишен Андон Дончевски е прв стрелец во историјата на Вардарци со 217 гола, 10 повеќе од Дарко Панчев и освојувач е на Купот на Југославија 1961-ва. Потоа како тренер му ја донесе прочуената шампионска титула во Југославија ви 1987-ма година.
Разочаран е од моменталната ситуација на 11 кратниот првак на Македонија кој тренира на теренот на третолигашот Кадино и им го спушти на политичарите.
„Некои играат фудбал по канцеларии, а Вардар нема каде да тренира? Срамота и греота е за тие фудбалери да нема каде да тренираат, да нема каде чај да се напијат. Да не знаат каде ќе играат, а да не зборувам за некои премии, бонуси, плати. Моја желба е Вардар и Македонија да одат напред. Вардар бил и мора да биде локомотива на македонскиот фудбал, мора да го влече македонскиот фудбал нагоре.
Јадно е ова што се случува, не престанува да ми плаче срцето за Вардар. Една величина која играла Европа од Данфермлајн до Порто, па сѐ до групната фаза во Лига Европа со Чеде Јаневски, сега да се соочува со оваа ситуација. Недозволиво е за Македонија, без оглед кој е на власт, со Вардар да се однесува вака нехумано. Не е само Вардар во прашање, Македонија е во прашање. На Вардар педигрето во Македонија никој го нема и уште 100 години да поминат нема да го стигнат.
Катастрофа. Вардар дојде во ситуација за која човек не ни помислувал дека ќе се случи и мува не ги лази луѓето за да му се помогне на Вардар. Се помага на човек кога се дави, а не кога плива добро. Таму некои се жалеле зашто на Вардар да му се помогне, требало и на другите, ама никој не е како Вардар“, рече легендарниот чичко Дончо во интервјуто за МТВ.
Пред две недели ја посети нашата македонската репрезентација на тренинг, а доби признание „Спортски великан“ од Македонскиот Олимписки Комитет.