„Може да кажеш само еден збор кој може да го оценат како слабост и веќе нема да можеш да излезеш на терен, зошто моментално стануваш предмет на потсмев кај навивачите. Фудбалскиот терен е наш театар, место каде ги забавуваме луѓето, но исто и место каде многу играчи може да бидат скршени од притисокот кој е неотуѓен дел од играта“, вели некогашниот репрезентативец на Англија и фудбалер на Тотенхем, Џермејн Џенас.
Во Велика Британија од година во година сè повеќе се зборува за психолошки проблеми и депресија. Во 2017-та, принцот Вилијам и принцот Хари основале добротворна кампања Heads Together, која помага не само за справување со проблемите, туку и објаснува дека е совршено нормално да се зборува за нив и да се бара помош.
„Мажите во принцип многу тешко успеваат да проговорат за своите чувства. Ако покажат емотивност често тоа им го земаат како слабост. Цела средина зборува дека мажите секогаш мора да бидат силни, јаки и мора да постапуваат правилно. Тоа е огромен притисок“, вели принцот Вилијам и додава:
Во Велика Британија самоубиството е една од главните причини за смрт кај мажите помлади од 45 години, а 75% од сите самоубиства ги извршиле мажи, покажале податоците. Тоа е страшна статистика и ние мора да ја измениме ситуацијата со свој пример да покажеме дека треба да се зборува за своите чувства“.
СУПЕР ПРОЕКТ НА БИБИСИ
Најголемиот британски сервис го прикажа долгометражниот документарец A Royal Team Talk. Во документарката учествуваат финалистот на Лига на шампиони Дени Роуз, Тиери Анри, Џермејн Џенас и селекторот на Англија Гарет Саутгејт. Секој од нив искрено се исповеда и кажува по една тешка животна ситуација кога требале да се справат со депресија:
„Треба да бидеме пример. Голем број луѓе на раководни функции трпат неверојатен притисок секој ден и тоа се одразува на психата. Ако раководител на голема фирма излезе и каже: „Слушај, и покрај мојата тешка психолошка состојба јас уште сум ЦЕО во овој гигантски бизнис тоа е успех. Спортистите тренираат секој ден, но повеќе внимание обрнуваат на својот физички изглед. Но состојбата на умот, емоциите, влијаат ништо помалку од физичката подготвеност.“ Просто овие луѓе не зборуваат за тоа“, вели принц Вилијам.
“When you are bereaved at a very young age, you feel pain like no other pain.” — The Duke of Cambridge #ARoyalTeamTalk pic.twitter.com/OIIj7KSIbS
— Kensington Palace (@KensingtonRoyal) May 17, 2019
ДЕНИ РОУЗ ЗА ПРЕЖИВЕАНАТА ДЕПРЕСИЈА
Бекот на Тотенхем и англиската репрезентација, еден од најдобрите европски крилни дефанзивци уште минатата година зборувал за психолошките проблеми. Пред Светското 2018 во Русија тој раскажал како пола година страдал од депресија.
„Бев повреден, а тоа беше моја прва сериозна повреда. Тотенхем и репрезентацијата играа многу добро, а јас само седев и гледав без да имам шанса да бидам дел од тој успех. Тоа ме нервираше мене, одев лут и кивен на тренинзи, со никого не разговарав и ретко излегував од дома. Просто не сакав ништо да правам, не можев ни нормално да спијам“, вели човекот кој на 1. јуни ќе игра во финалето на Лига на шампиони.
Роуз му кажал за проблемите на клупскиот доктор кој го пратил на психолог. Специјалист му дијагностицирал депресија, му препишал лекарства и фудбалерот постепено си дошол на себе.
„Признанието дека имам проблем беше едно од најдобрите одлуки во мојот живот. Ако не го направев тоа, не знам што ќе се случеше со мене. А во тоа време мојот чичко изврши самоубиство. Тој исто пател од депресија и ситуацијата ми покажа што може да се случи ако не се отвориш некому“, вели Роуз во документарката.
За овие проблеми отворени зборувал пред мечот на Англија со Коста Рика на Мундијало 2018:
„На денот на мечот се разбудив и видов 100 пораки со поддршка на телефонот. А после првото полувреме двајца противнички играчи ми пријдоа во тунелот и се заблагодарија за мојата исповед, зошто и тие поминале низ слично во животот. Тогаш сфатив колку големо дело сум направил“, тврди левиот бек на Хотспур.
На зборовите на Роуз се придодава и некогашниот најголем талент на англискиот фудбал Џермејн Џенас:
„Кога Дени (Роуз) дојде во клубот, јас бев заменик капитен и еден од лидерите во Тотенхем. Тој често доаѓаше кај мене и ми викаше: „Џеј-Џеј, јас не можам да играм вака, сакам да си одам дома и да легнам“. Тој многу патеше по Донкастер. Дали беше тоа сигнал кој јас не го приметив? Ако не ги игнорираме тие емотивни јавувања внатре во екипата, проблемот може да се избегне. Ние мора да приметуваме такви работи, да бидеме внимателни еден со друг“.
Во летото 2018-та година кога Роуз се вратил во нормала и излегол од тешката состојба, му се отворила шанса да оди во друг клуб каде ќе игра повеќе. Наводно го барале Шалке и ПСЖ:
„За време на преговорите замислете ми рекоа: „Знаеш, ние сакаме да се сретнеме прво со тебе, да провериме да не си луд“. Малку ми беше срамота зошто секогаш читав дека оваа состојба никогаш нема да влијае на мојата работа. Знаев дека на теренот секогаш давам 100%. На крај краева, не ми понудија договор, но факт е дека моите зборови може да ме прават луд во јавноста и тоа е навредливо“.
АНРИ ЗА САМОТИЈАТА
Од страна, Анри немал ниту една сериозна причина да падне во депресија: го обожаваа во родната Франција, го сакаа во Англија. Но сè се сменило во еден момент во 2009-та.
За време на продолженијата од бараж мечот со Ирска, Тиери Анри намерно со рака ја турна топката во акција во која падна гол за победа на Франција. Французите отидоа на Светско 2010, а светската јавност го распна Анри.
„Првпат се најдов во улога на лошо момче. После мечот останав во Париз. Очекував дека критики и негативни реакции ќе има од сите, но не да ме обвинуваат дури и дома. Стигна до тоа медиумите да го напаѓаат и моето семејство и тука многу се вознемирив. Просто не знаев како да се справам со тоа. Умеам да се борам со сопствените емоции, но првпат во живот немав контрола“, искрено признава Анри дека паднал во депресија.
„И никој не ми понуди помош, никој! Не е важно дали си крив или си прав. Луѓето ме обвинуваа, навредуваа, бев сам во таа ситуација. Притоа бев должен да играм на терен и да покажувам најдобар фудбал.
И што е најважно, кога си во соблекувална, во машки колектив, таму буквално е забрането да плачеш. Кога ќе останеш сам, тогаш чувствуаш силна самотија. Никој не ти ѕвони да те праша дали си добро. Така е и кога си повреден: никој не доаѓа кај тебе дома да праша дали е се во ред. Ти не играш и тоа значи дека треба самостојно да се разбереш со тоа. Но никогаш не го решаваш проблемот. Просто тераш понатаму. Јас не знаев како да се справам со тие работи и одев само право, се трудев да заборавам што се случило.
Дали бев во депресија? Искрено не знам, никој не ми кажуваше што може да се случи, никој не кажа како да се справиш со тоа, никој во принцип не зборува за тоа и не можеш да ја почнеш темата. Никогаш не ме учеле колку е важно да се отвориш“, признал Анри.
Во документарката за своите најтешки моменти зборува и Питер Крауч, кој вели дека многу тешко се носел со коментарите за неговиот надворешен изглед. На крајот од филмот, принцот Вилијам игра фудбал со обични луѓе кои исто раскажуваат пред камера за своите проблеми.
Поентата на целиот проект е дека штом членови на кралското семејство и фудбалските ѕвезди отворено зборуваат за своите психолошки падови, тогаш да се отвори и секој друг човек не е воопшто страшно.
Не држете во себе. Зборувајте.