Минатиот петок одличниот аргентински играч од средниот ред Естебан Камбијасо кој играше во Реал со Фиго и Зидан и стана мегаѕвезда во Интер објави крај на кариерата на 37 години.
Естебан се родил во малото градче Сан Фернандо, провинција на Буенос Аирес. Во детството му се восхитувал на татко му кој бил кошаркар па и самиот до 11 години играл само со портокалова топка. Дури потоа преминува во фудбалска секција.
Фудбалот на почеток не го влечел Камбијасо но мајка му и првиот тренер едвај го убедиле дека е грев да го фрли талентот во вода. Во детската екипа Естебан го завикале Кучу (Cuchu) скратено од името на познат плавокос телевизиски лик по име Кучуфлито.
Во понеделник, среда и петок играл фудбал а во вторник и четврток му се посветувал на баскетот. Естебан уште од почеток секогаш бил капитен: Внимателниот и спокоен дечко го сакале сите тренери и му го доверувале бројот 10 (во Аргентина овој број е како религија). Во школо, а подоцна и во вториот тим на Реал Мадрид Камбијасо играл со постариот брат Николас - иако неговата кариера била поскромна и Естебан на почетокот го подджрувал брат му во Мадрид.
Се било убаво во Мадрид, но амбициозниот млад фудбалер Камбијасо не сакал повеќе да игра за вториот тим па од Кастиља брзо се вратил дома во Аргентина. Ја поминал школата на Индепендиенте, заигра и три сезони за првиот тим на овој клуб од каде стигна во Ривер Плејт со кого го освои првенството во 2002 година по триумфот на Клаузура.
Тогаш го добил вториот прекар „Јајцето“. Првата верзија е: големата љубов кон сендвичот со јајце а втората е поради формата на главата и долгата руса коса.
Во 2002 година Висенте Дел Боске го викнал Камбијасо назад во Реал Мадрид - да ја води средината на теренот на „галактикос“ кои ја освоија Лига на шампиони.
Но и покрај титулите, ниту вториот престој на „Бернабеу“ не беше совршен по Аргентинецот затоа што доаѓаа една по друга ѕвезда а Флорентино Перес кој го делел тимот на Зидановци и Павоновци, не го сметал Аргентинецот во ниту една категорија.
Таа теза ја потврдил и самиот Естебан: „Во тој момент политиката на клубот беше да се потпира на ѕвезди и на сопствените деца. Јас не исполнував ниту еден од критериумите така што немав шанса да станам стандарден првотимец во ’галактикос’.
Вистина е, Естебан научил многу на тренинзите со Фиго, Зидан, Роберто Карлос, Роналдо и Бекам.
„Да работиш со нив беше едноставно. Тие се многу поедноставно отколку што ги замислуваме. Мене ми беше голема чест со нив да делам соблекувална а посебно што на 21 година имав прилика да играм прва постава во Суперкуп на Европа со тимот кој ја освои Лига на шампиони. Тоа се моменти кои никогаш нема да ги заборавам“, се сеќава Камбијасо за својот ѕвезден почеток на кариерата.
Во тоа време Реал Мадрид направи неколку совршени грешки: Тренерите како да забораваа дека не треба само некој да даде гол, туку и да се организира играта. Така беше продаден Макалеле како кичма на екипата а бесплатно пуштен да си оди Камбијасо.
И средината на теренот едно време ја држеше Дејвид Бекам, класично десно крило.
Како резултат на тоа Камбијасо премина во Интер и тамо веднаш го стекна статусот ѕвезда:
„Многу сум среќен и со нетрпение го очекувам стартот на сезоната, можам да кажам дека ми се исполни сонот“.
Овие зборови кои многу ги сметаат за лажни и протоколарни Естебан ги потврди со успешната игра на теренот цели 10 години. Камбијасо си обезбеди место во вечната симболична селекција на најдобри играчи на Интер на ХХI век и го нарекоа „сенатор“ (така во Италија ги викаат лидерите во соблекувална, најискусните кои знаат да ’тегнат уши’ на помладите).
Естебан важи за тактички еден од најдисциплинираните играчи кој играле за Интер. Тандемот со Дејан Станковиќ беше еден од главните фактори на хегемонијата на Интер во Италија кон крајот на 2000-те. Со Интер освои 5 Скудета, Лига на шампиони, 4 Купа на Италија, 4 Супер Купа на Италија и Светско клупско првенство.
Во полуфиналето од триумфалната сезона во Лига на шампиони 2009/2010 против Барселона, Жозе Мурињо барал човек кој ќе може да му игра ’фластер на Лионел Меси’ и никој подобро не го чуваше од Естебан. Ја одигра улогата маестрално. Просто не му даде да мрдне.
Чудно, но вистинито. По неверојатниот перформанс во Лига на шампиони, Камбијасо не отпатува на Светското првенство 2010 во Јужна Африка. Така реши селекторот Диего Марадона: „Камбијасо е одличен играч на тактички план но тој е премногу бавен со топка. Тој е еден од играчите. Тој е еден од играчите кои не ми се допаѓаат иако има многу други позитивни особини“, изјави Марадона и ’остана жив’.
Од Интер Камбијасо замина исто без обештетување а целата разделба мина нервозно. На капитенот на тимот буквално во последен момент му соопштиле дека нема да му го продолжат договорот.
„Не велам дека бев должен да знам што ќе биде со мојот договор на 3-4 месеци пред крајот но да не знам до последното коло... Можеа да ми кажат неколку недели претходно барем за 10 години во клубот заслужив таков однос. После се што му дадов на Интер не можам да преминам во друг италијански клуб“, прилично разочаран изјави Камбијасо пред неколку години.
На крајот од август 2014-та отпатува во Англија и потпиша договор со Лестер.
Можно е никој да не памети дека година пред шампионската титула Лестер беше на конец од испаѓање во втора лига и ако не беше фантастичниот Естебан Камбијасо во финишот, таа неверојатна бајка на Џејми Варди, Ријад Марез и Нголо Канте немаше да се случи а Раниери немаше да се врати на голема сцена.
После чудесниот спас во финишот на таа сезона, Естебан изјави: „Решив да не го продолжувам договорот со Лестер Сити. Оваа одлука ја донесов само ден по понудата за нов договор затоа што сакам ’Фокси’ да имаат време колку што им треба да најдат замена“, ферски постапил Аргентинецот.
По две успешни и богати сезони во убавата Пиреја каде го носеше дресот на Олимпијакос, „Кучу“ сфатил дека дошло време за крај. 8 септември 2017 година - беше последен ден од неговата кариера.
За жал веќе на теренот на „Џузепе Меаца“ нема да ја гледаме оваа светла ќелавица. Нема да се воодушевуваме на неговите точни долги пасови или да издишуваме после неговите шутеви со лева од далечина...
Камбијасо беше уникатен фудбалер: на пазарот каде цените растат секој месец, за него не платиле ниту една банкнота. Тоа е симбол за бесценетоста на овој играч за врска но и неспособност на масовната публика адекватно да ја процени неговата важност за тимот.
Таквите играчи не добиваат „Златна топка“, но Естебан вели дека и без неа ќе преживее: „Златната топка е бесполезна награда ако никогаш не ја добиле фудбалери како Раул или Паоло Малдини“.