Некогашниот шпански репрезентативец, 2-кратен освојувач на Куп на УЕФА, на шпански Копа дел Реј и Супер Куп, на португалски Куп, на белгиско првенство и шампион на младинско Европско У21 со Шпанија, Диего Капел е поранешен соиграч на нашиот Горан Пандев во Џенова.
Капел блескаше во Севиља каде стана клупска икона. Лани ја заврши кариерата на Малта и сега работи како колумнист и стручен коментатор за шпанските медиуми. На Твитер има речиси 100.000 следбеници и е доста активен на фудбалски теми.
Во колумна за „Марка“, Диего Капел за нашиот капитен пишува.
Моето деби во Серија А, во склоп на една кариера во која видов многу разни земји и страстни шампионати, беше на 23 август во Сицилија против Палермо, со Франко Васкез како противник (познат на сите по неговите шест години во Севиља).
Го облеков дресот на Џенова а тогаш дебитираше и Горан Пандев, институција во италијанскиот фудбал. Заигравме во напад пред крајот од мечот, во оној така карактеристичен систем на Гасперини (кој сега блеска со Аталанта).
Бевме многу офанзивна екипа а Пандев ни помогна благодарение на неговиот карактеристичен начин на гледање и доживување на фудбалот.
Останав само една година во Италија но имам преубав впечаток од тоа што го доживеав таму и што значеше да се игра со фудбалер на нивото на Пандев кој сега е на „седмо небо“ откако успеа да ја однесе својата репрезентација во финална фаза на еден голем турнир.
Се бореше за тоа и успеа. За Македонецот можам да нагласам дека е голем професионалец со врвен квалитет што може да се види на секој тренинг.
Покрај тоа, секогаш лесно постигнуваше голови (не е лесно да надминеш повеќе од 100 гола во Серија А) и исто може да игра на разни позиции.
Меѓутоа без дилеми, негов најголем квалитет е неговата визија на играта, неговиот начин да ја чита секоја ситуација на теренот, знаење како да нападне или како да ја пробие противничката одбрана. Тој секогаш знаеше како да излезе од незгодни ситуации на теренот. Неговиот фудбал беше привилегиран зошто го игра со мозок.
И сега го оствари својот сон на 37 години. Годините се само во неговата ДНК, на оваа возраст поважна е физичката спремност која ви овозможува да се натпреварувате на тие години без проблем, па дури и како многу важен играч.
Многу ќе се израдувам кога ќе го видам на телевизија како ужива во овој историски момент за неговата земја. Немаат лесна група, но сигурно ќе имаат многу шанси. Неодамна ја победија Германија.
Со гордост ќе ја носи капитенската лента.Пандев е еден поинаков фудбалер, еден од оние кои веќе ги нема. Ти посакувам многу среќа.
Прочитајте уште и:
ШПАНСКА МАРКА: „ДВЕ ДЕЦЕНИИ МИТОТ ПАНДЕВ Ѝ СЛУЖИ НА СВОЈАТА ЗЕМЈА“