За премијата
Наградата Golden Boy првпат ја воведе италијанското издание на Tuttosport во 2003 година. Спортските новинари по пат на гласање го бираат најголемиот фудбалски вундеркинд. Од неодамна овој избор го поддржа и УЕФА и титулата најдобар млад играч на Европа стана легитимна. Трофејот му се врачува на победникот како што му се врачува Златната топка од France Football на најдобриот играч на планетата секоја сезона.
Денес во изборот за Golden Boy не е вклучен само Tuttosport, туку и новинари од француските l'Équipe и France Football, шпанските Mundo Deportivo и Marca, германскиот Bild, англискиот The Times, грчката Ta Nea, холандскиот De Telegraaf, португалската A Bola, швајцарскиот Blick и рускиот Спорт-Экспресс.
Денес изборот се состои од две етапи. На почетокот организаторите прават листа од 40 кандидати. Фудбалерот не треба да е постар од 21 година и да игра во најдобрата лига на својата земја. Националноста не е важна. Списокот по првичното гласање се смалува на 10 кандидати, а во решавачкиот избор гласаат 30 спортски новинари од 14 европски редакции.
Секој бира по пет играчи: На првиот му дава 10 поени, на вториот 7, третиот добива 5, четвртиот 3, а петтиот само 1 поен.
Наградата „Златно момче - 2016“ ја доби Ренато Санчез. Тој е роден во Лисабон во семејство на дојденци од Капе-Верде. Татко му го напуштил Ренато кога овој бил бебе со неполни шест месеци и мајка му била оставена сама да води грижа за него.
Семејството Санчез живеело бедно во сиромаштија и малиот дури до 5 години немал извод од книгата на родени. Мајката Марија дас Дорес работела многу и не можела на синот да му посвети многу внимание. Можеле да го заведат во книгата на родени кога татко му во 2002 година се вратил од Франција и Ренато Санчез е крстен и заведен во регистарот дека е роден на 18 август 1997 година во 3:25 часот.
Образование на Ренато му го донел фудбалот. По цели денови трчал по топката на улица во предградието Мусгуеира, бил најдарен меѓу врсниците а успевал да ги победи и постарите деца. Уште тогаш го викале Едгар Давидс поради шарените плетенки и начинот на игра како холандскиот „пит-бул“.
На 9 години Ренато доаѓа во младинската школа на Бенфика. Улицата е најдобар показател во изборот на скаутите, а токму таа го направила Санчез посилен. Во Бенфика не изгледал како Давидс само однадвор, туку и по ракописот во играта. И двајцата се играчи од средината на теренот со одлична визија за простор и двајцата важат за предатори со истрајност и неотстапување до крај.
Ренато бил најдобар на теренот во рекордната победа на Бенфика У17 во Лигата на шампионите против Галатасарај на гости од 11-1. Покрај голот, тој имал и неколку асистенции и почнал да се двои од врсниците по зрелоста во играта.
Тренерот на првиот тим Руи Викторија решил да повика неколку младинци за првиот состав на мечот од португалскиот Куп против Тондела кога Ренато Санчез дебитираше за првиот тим. Во 74. минута го замени најдобриот стрелец Јонас во триумфот од 4-0. Набрзо, за неколку дена, Ренато Санчез го постигна и првиот гол за Бенфика на мечот против Академија и од тогаш играше практично на секој натпревар во првенството и Купот.
Ренато го истисна Андре Алмеида од средината на теренот на крило и мораше да се бори со Андреас Самарис и Љубомир Фејса за место во првиот тим. По ваквиот енормен развој, повикот во репрезентацијата на Португалија бил неизбежен и селекторот Фернандо Сантош го викна на списокот а потоа и го стави 18-годишниот Ренато Санчез во игра против Бугарија на последните 15 минути од мечот.
Португалија загуби, но Санчез остави силен впечаток на теренот и до крајот од квалификациите за Европското редовно се појавуваше во составот на Selecao. Бајката продолжи и на Европското првенство каде Ренато даде еврогол против Полска, беше еден од најзаслужните за освојувањето на Европското и го избраа за главно откритие на турнирот.
Ништо помалку судбинско во животот на Санчез беше и ждрепката за четвртфиналето од ЛШ минатата сезона. Бенфика се падна со Баерн Минхен а Ренато ги одигра на високо ниво и двата меча од почеток до крај.
Германците се пласираа понатаму со еден гол разлика, а на конференцијата после мечот Гвардиола долго зборуваше за младиот талент кој му паднал во око. Истовремено шефовите на клубот од Минхен преговарале со луѓето од Бенфика. Карл-Хајнц Румениге му се јавил на претседателот Луис Фелипе Виера и го поканил во Мадрид заедно да го гледаат полуфиналето меѓу Атлетико и Баерн Минхен.
Набрзо се објави дека Санчез од следната (оваа) сезона ќе се пресели во Германија. Договорот изнесувал астрономски 35 милиони, а општо е познато дека Баерн не се расфрла со пари така лесно, особено не за 18-годишно дете. Но Баварците не случајно брзале: Пресот „бараташе“ со цифри од 60 милиони кои Манчестер ги нуди за купување на вундеркиндот.
Во Германија Ренато стигна како шампион на Португалија и на Европа. Го избра дресот со број 35, чисто „да ги потсети“ навивачите на Баерн колку клубот платил за него. Иако немаше гарантирано место во тимот покрај Артуро Видал и Чаби Алонсо, Ренато набрзо стана стандарден првотимец заедно со Џошуа Химик и Тиаго Алкантара во средниот ред.
Со дури 234 поени, Ренато Санчез убедливо ја освои наградата „Златно момче“ на европскиот фудбал. Зад него далеку беа Маркус Решфорд со 115, Кингсли Коман со 86 бода, Деле Али со 80, Осман Дембеле со 70, Џанлуиџи Донарума со 59, Лерој Сане со 28, Марко Асенсио со 14 бода.