Група Е
Челси – Шалке (20:45)
Фудбалерите на Мурињо го наполнија голот во Гелзеркирхен на претходното соочувањето со Шалке, а на три бода ќе одат и на вечерашниот дуел. Овие два клуба во минатото се сретнале само еднаш во Лигата на шампионите, а тоа се случи исто така во групната фаза во сезоната 2007/2008. На првата средба во Германија мечот заврши без голови, а на реваншот „Сините" од Лондон славеа со 2:0.
Базел – Стеауа Букурешт (20:45)
Амбициозниот тим на Базел откако го шокираше во првото коло Челси на „Стемфорд Бриџ" е на добар пат да направи изненадување во оваа група и да се обиде да стигне до осминафиналето. На средбата во Романија освои бод, а вечерва само со победа ќе ја зголеми неизвеноста за првите две позиции во групата.
Група Ф
Борусија Дортмунд – Арсенал (20:45)
„Групата на смртта" по првите три кола го оправда овој епитет, затоа што заедно со Наполи, овие два тима имаат по 6 бода и ќе водат жестока битка за двете позиции кои водат помеѓу топ 16-те екипи. Ланскиот финалист си замина со полн плен од „Емирати", а таков гостински исход посакува овој пат да има Арсен Венгер. Фудбалерите на Арсенал дома беа подобри од Борусија на претходните соочувања во групната фаза во 2002 и 2011 година, но на гостувањата остварија пораз и реми.
Наполи – Олимпик Марсеј (20:45)
Наполитанците сезонава имаат големи очекувања од одлично засилениот состав на Бенитез кој веќе го сметаат за Светец. Рамо до рамо со англискиот и германскиот гигант италијанскиот претставник до крај ќе ја води битката за осминафинале. Целта во Франција ја оствари со 3 бода против Марсеј, а само ист таков резултат вечерва за нив ќе претставува успех.
Група Г
Атлетико Мадрид – Австрија Виена (20:45)
Диего Симеоне остварува фантастични резултати со тимот од Мадрид кој има маестрален старт во Лигата на шампионите и во Примера. По три кола во групата има максимален учинок, а на вечерашниот дуел е апсолутен фаворит. Победа вечерва против Австрија значи пласман во следната фаза.
Зенит – Порто (18:00)
Составот на Лучано Спалети го изненади Порто на гости со минимални 1:0 и со тоа ја зголеми неизвесноста во борбата за втората позиција која ќе ја водат овие два тима. Сега таа тешка задача ќе ја имаат Португалците кои во случај на пораз драстично ќе се ги намалат шансите за пласман во следниот круг.
Група Х
Барселона – Милан (20:45)
Ранетиот Милан ќе патува на едно од најтешките гостински терени во најнезгоден момент. Каталонскиот тим вечерва има само еден план, а тоа се три бода и математички пласман во следната фаза. Овие два тима ждребот постојано ги судрува во ова натпреварвање, а на досегашните дуели на европските натпреварувања Барселона има седум победи, Милан пет, а шест меча завршиле без победник.
Ајакс – Селтик (20:45)
Овие две екипи ќе ја имаат најтешката задача во оваа група, а тоа е замрсување на сметките на Милан кој цели на втората позиција во групата. Селтик ја доби првата пресметка против Ајакс, а холандскиот претставник само со триумф вечерва ќе остане во игра.