Наполитанскиот весник „Кјаја" му отстапи место на насловната страница на Рафа Бенитез кој е облечен како свештеник со амблемот на Наполи, со наслов „Светиот Рафе" и со натпис дека последната надеж за Неапол доаѓа од Шпанија.
По 11 одиграни кола во Серија А фудбалерите на Наполи имаат девет победи и по еден пораз и реми и со тоа го остварија најдобриот старт во историјата, што значи дури и подобар од времето кога Марадона го носеше овој дрес.
Наполи се наоѓа на само три бода до Рома, а во игра е за осминафинале во „групата на смртта" во Лигата на шампионите каде има шест остварени бода исто колку Борусија Дортмунд и Арсенал.
По само краток престој во неговиот нов клуб тој на посебен начин е претставен на насловната страна на наполитанскиот весник, а во интервјуто зборува за неговата импресионираност од навивачите и енергијата во градот.
„Тука е се поразлично затоа што Де Лаурентис ги купи сите играчи кои ги побарав, додека Морати ниту еден од тие што ги предложив. Наполи е како Ливерпул, фудбалот е тука најважната работа. Калехон е еден од најдобрите дриблери во Европа, Игуаин е еден од ретките кој се издвојува, а Албиол го прави на теренот токму тоа што го очекував", вели Бенитез.
Шпанскиот стратег и покрај тоа што живее на 30 километри надвор од Неапол вели дека ја чувствува и ужива во навивачката атмосфера која владее и се повеќе расте во градот, а од засилениот Наполи каде веќе трета сезона настапува нашиот Пандев темпераментните Наполитанци сезонава очекуваат трофеј.