Денот кога Пандев ги спушти на земја „Кралевите“

Зад името на нашиот капитен се кријат многу големи натпревари на кој бил јунак, а овој е посебен бидејќи е меч од Лига на шампиони против фаворит кој не сака да чуе ништо друго освен победа. Горан Пандев - Руд ван Нистелрој 2:2.

Лацио го пречека Реал Мадрид на 3 октомври 2007-ма или пред точно 10 години, во групната фаза од Лигата на шампионите. Кој не мрда од пред телевизор во вторник и среда кога има ЛШ, знае за што зборуваме.
 
Натпреварот одеше на МТВ и таа сезона беше прва во елитното натпреварување за 24 годишниот македонски репрезентативец, кој експлодира токму против Галактикос.
 
Лацио немаше некој силен состав но сепак одлично се носеше со Кралевите. Делио Роси настапи со легендарниот Марко Балота, во одбрана ги имаше Бехрами, Стендардо, Крибари и Ѕаури, во среден ред Ледезма, Мутарели, Мудингаи и Маури и во напад стандардното дуо Пандев - Роки.
 
Шустер истрча со голманот Касиљал, во одбрана со Рамос, Канаваро, Хајнц и Марсело, во средина со Диара, Гути, Снајдер и Робен и во напад со Раул и Нистелрој. Состав за почит.
 
И покрај разликата во квалитет, фудбалерите на Лацио беа полни со мотивација и одиграа одличен натпревар против големиот Реал Мадрид кој имаа шанси и да го добијат, а одговор на двата гола на Нистелрој во 8-ма и 61-ва минута, имаше нашиот најдобар фудбалер.
 
Олимпико експлодираше најпрво во 32-ва, а потоа и во 75-та минута за конечни 2:2. Медиумите го величаа Горан Пандев за двата дрски погодоци против големиот фаворит.

3 октомври 2017 - 14:34