Каталонците ја освоија првата титула европски првак во 1992. година. Две години подоцна, Барса на 18. мај 1994 година играше ново финале.
На теренот, Блауграна ги имаше Ромарио, Михаел Лаудруп, Роналд Куман, Христо Стоичков, Алберт Надал (чичко му на Рафа), Зубизарета, Пеп Гвардиола, Бакеро. Состав предводен од магионичарот Јохан Кројф, екипа која беше главен фаворит за освојување на европскиот пехар.
Од друга страна, Милан како аутсајдер до финалето стигна на многу потежок начин од Барселона. Росонерите се мачеа против Андерлехт, Порто и Вердер и на шест натпревари имаа само две победи и две нерешени средби со гол разлика 6:2. Барса во исто време ги газеше Спартак Москва, Монако и Галатасарај.
Во тогашниот систем на ЛШ веднаш се пристапи на полуфинални натпревари, каде Барселона лесно го помина Порто со 3:0, а Милан со ист резултат го победи Монако по што двете екипи закажаа финална пресметка во Атина.
Најголемиот проблем за Милан беше повредата на Марко Ван Бастен кој не играше таа сезона. Не играа ниту суспендираните Алесандро Костакурта и Франко Барези. Повреден беше и младиот Џанлуиџи Лентини кој стана најскапиот играч во историјата, откако Берлускони за него плати околу 15 милиони тогашни марки. Сепак, Фабио Капело почна да ја гради кариерата на еден од најдобрите тренери во светот а зад себе имаше серија од 59 натпревари без пораз во домашното првенство.
Капело беше и првиот италијански тренер кој реши да ги ротира фудбалерите, па така наместо ветеранот Карло Анчелоти го внесе во игра голобрадиот Деметрио Албертини, а на голот застана Себастијано Роси. Во одбраната заиграа Паоло Малдини и Филипо Гали а во средниот ред Бобан, Десаи, Жан-Пјер Папен, Флорин Радучоју и Брајан Лаудруп.
Поради правилото кое ограничува само тројца странци во екипата, Капело се одлучи дома да останат Папен, Радучоју и Лаудруп.
Атинската вечер му припадна на Дејан Савичевиќ, омилената 10-ка на Силвио Берлускони кој му асистираше на Масаро за 1-0. Во судиското продолжение Роберто Донадони му намести втор гол на Масаро и Милан имаше 2-0 на полувремето.
Барселона беше пред нокаут, кој им го зададе Савичевиќ со неверојатен лоб и Марсел Десаи со гол во самиот финиш за конечни 4-0. Погодокот на Дејан Савичевиќ, со оној на Зидан против Леверкузен важат за најубавите во историјата на финалните дуели од ЛШ.