Денес може да заврши една голема ера: Лев 15 години селектор на Германија

Германската фудбалска репрезентација имаше многу тешки ривали во групната фаза, така што во нокаут рундата налета на Англија и тој меч би можел да стане последен за Јоаким Лев на местото селектор на репрезентацијата. Во Европа нема тренер кој управувал подолго од Лев со една селекција.

На денешен ден се навршуваат точно 14 години и 352 дена како Јоаким Лев стана селектор на моќната Германија.

За тоа време Англичаните пробаа 5 различни селектори. Севкупно од средината на ’40-те години Англија пробала 19 селектори за да еднаш стане светски првак и четири пати да влезе во полуфинале на Мундијал или на Европско.

Јоги Лев го постигна истото само цели 5 пати побрзо од Англичаните.

ЕВРО 2008 БЕШЕ ПРВ ГОЛЕМ ТУРНИР НА ЛЕВ КАКО СЕЛЕКТОР

Харизматичниот Лев официјално ја презеде репрезентацијата на Германија веднаш по домашниот Мундијал 2006-та иако фактички управуваше и претходно со структурата на играта, распоредот на играчите на теренот и со тактиката како помошник на Јирген Клинсман (2004-2006). Лев бил задолжен за мотивација на играчите.

Во историјата на Германија ова беше трет случај (после Ерих Рибек и Ото Нерц) кога за селектор е промовиран човекот кој претходно никогаш не заиграл за репрезентацијата.

ВЕЧНАТА ЛИСТА

На оваа исклучително горда листа за селектори со најдолг период на работа, Јоаким Лев е втор со 15 години (2006-2021). Пред него е само легендарниот Зеп Хербергер кој ја водел Германија 20 години иако на два пати (1936-1942, 1950-1964).

Зад нив двајца се Хелмут Шен (14 години од 1964-1978), Ото Нерц (10 години, 1926-1936) и Берти Фогтс (8 години од 1990 - 1998).

Јоаким Лев стана светски шампион во 2014-та кога Германија издоминира среде Бразил и го демолираше прво домаќинот со брутални 1-7 па во финалето во продолженија ја совлада и Аргентина на Меси.

Лев во 2008-ма изгуби во финале на Европско првенство од моќната Шпанија на Чави, Иниеста и Торес, а освои и Куп на Конфедерации во 2017-та.

Поуспешен од него е само Хелмут Шем кој важи за најтрофеен германски селектор со злато од Светско и од Европско првенство. Франц Бекенбауер како селектор на Германија и донесе злато во 1990-та а на Светското 1986-та завршија втори.

Зеп Хербергер како селектор му се израдувал на златото на Светско 1954-та а Јоп Дербал бил европски првак со Германија во 1980-та и вицешампион на светот во 1982. 

Јоаким Лев уште од првиот ден како селектор решил да го менува стилот на игра на Германија. Германцие долго време барале посед на топка и во просек ја држеле по три секунди со секој претходен селектор. Лев го скратил тоа време на две секунди подоцна и до една секунда, ја научил репрезентацијата да игра на кратки додавања и да гради вертикални напади преку центарот.

Кардинално го сменил и односот кон тренинзи.

„Со Руди Фелер (селектор на Германија од 2000-2004) тренинзите беа послаби: не траеа повеќе од час, немаше никакви спремни вежби, никаква структура, никаква анализа на противникот или прегледување на нашите грешки“, раскажал Филип Лап долгогодишниот капитен на Германија во книгата на Рафаел Хонигштајн Das Reboot. 

Јоги Лев напротив барал максимум од играчите на тренинзи. Секој пат кога фудбалерите играле со долги топки, Јоги го прекинувал тренингот и акцијата морала да почне од почеток. Така изградил компактна игра на кратки пасови во која учествува цел тим.

Не сакал чести фаули па им забранувал на одбранбените играчи да прават груби прекршоци и тие се навикнувале чисто да ја одземаат топката без фаул (или најчесто тактички фаули на средина). Од неговиот прв ден како селектор до ден-денес за Германија дебитирале повеќе од 100 фудбалери. Најголеми полемики предизвикаа Малик Фати и Тобиас Вајс а стандарден кај Лев стана најдобриот голман на светот Мануел Ноер.

На Светското 2006-та на домашен терен играа играчи кои веќе одамна се ветерани и ги нема во јавноста: Леман, Фридрих, Мецелдер, Мертезакер, Лам, Балак, Фрингс, Шнајдер, Швајнштајер, Клозе и Подолски.

Играчи со најголем број настапи кај Јоаким Лев се Томас Милер со 105 меча под водство на актуелниот селектор, Тони Крос исто има 105 настапи, Мануел Ноер 103, Лукас Подолски 97, Месут Озил 92 меча, Филип Лам 87, Бастијан Швајнштајгер 85 натпревари.

По број на голови, Мирослав Клозе со 41 погодок е најефикасен играч кој играл за Германија под водство на Лев. Томас Милер има 39 гола со Лев, Подолски 34, Марио Гомез 31, Месут Озил 23, Андре Ширле 22 и Тони Крос 17.

ГЕРМАНИЈА НА ЕВРО 2008

Во 2008-ма Германците дојдоа на Европско како репрезентација која не освоила злато 12 години. На првиот меч на тоа Европско победија 2-0 против Полска. Оваа селекција со плус-минус други играчи, ја освои бронзата на Светското две години претходно на домашен терен.

Лев во текот на Европското 2008 ја престрои тактиката во 4-2-3-1 (до тогаш играа 4-4-2).

Германците стигнаа до финале во кое не можеа ништо да направат против силната Шпанија (само 4 удари кон голот, ни еден во рамките) и изгубија 0:1. Лев тогаш сфати дека може да го неутрализира убиствениот стил на Шпанците и тоа со нивно „оружје“: посед на топка, комбинационен фудбал и картки пасови - принципи на школата Ла Масија кои му се допаѓале многу на Лев.

СВЕТСКО 2010 И ЕВРО 2012

 

И покрај поразот во финалето на Европско 2008, навивачите во Германија го обожаваа селекторот. Имаше банери и плакати со натпис All We Need Is Löw и Jogi, We Löw You. Играчите многу го уважуваа селекторот и германскиот фудбалски сојуз го продолжи договорот со него.

Лев не се плашеше никогаш да пушта млади играчи „во оган“. Пред Мундијалот 2010 во Јужна Африка, Томас Милер имаше само два нецели меча за Германија но отпатува на Светско и таму ја освои „Златната копачка“ за најдобар стрелец.

22-годишниот Месут Озил доби нова позиција кај Лев: плејмејкер наместо повредениот Балак иако Озил тогаш како играч на Вердер Бремен имаше само два настапи за репрезентацијата. „Не е секогаш важно да ги имаш 11-те најдобри фудбалери во земјата. Понекогаш е важно да собереш 11 луѓе кои најдобро се познаваат еден со друг и можат да бидат екипа“, рекол Лев во 2010-та во интервју за ARD.

По сопствено признание, на Лев најтешко му паѓало кога морал на долгогодишните лидери и капитени да им соопшти дека веќе нема да ги вика.

Така било и со 33-годишниот Балак кој поради повреда го пропушти Светското 2010 во Јужна Африка но бил присутен со репрезентацијата.

„Кога морам да им кажам дека веќе не се во репрезентацијата тоа е неверојатен стрес за мене. Особено ако долго играле во репрезентација и биле лидери. Тешко ги преживував тие моменти и се мачев со бесоница после“, признава Лев.

Освен Озил, тој е најзаслужен што големи играчи станаа и Боатенг, Ноер, Хумелс, Хеведес и Сами Кедира (сите членови на У-21 на Германија која стана Европски првак во 2009).

НАЈТЕШКИТЕ ПОРАЗИ И НАЈГОЛЕМИТЕ ПОБЕДИ НА ЛЕВ

- Јоги ќе го памети најубедливиот триумф како селектор, над Сан Марино 13:0 во квалификации за Евро 2008. Совршен старт како селектор и прв кој почнал со 4 победи по ред без примен гол.

- Можеби една од најдрагите победи му е онаа од 3:2 против Турција во полуфинале на Европско 2008-ма кога Филип Лам го реши мечот со гол во 91’ минута. Во нокаут фаза на Светско 2010 во Јужна Африка Лев и Германија ги смачкаа Англија со 4:1 и Арентина со 4:0. Во само една недела Германците славеа неверојатни триумфи. Златна епоха беше тоа за Лев.

- Ќе се сеќава и на триумфот од 2:1 против Алжир во 1/8 финале на Светско 2014-та во Бразил. Дури 3 гола паднаа тогаш во продолженија. Нојер првпат почна да излегува надвор од голот како либеро.

- Секогаш ќе го памети и најдрагиот меч во животот - победат од 1:0 над Аргентина во финале на Светско првенство 2014.

- Во 2017-та го доби и Чиле во финалето на Куп на Конфедерации и донесе уште едно злато дома (прв ваков трофеј за Германците во историјата). 

- Со сигурност најтешки порази му се: 0:1 од Шпанија во финале на Европско 2008. Од тој момент Јоаким Лев ниту еднаш не можеше да ги победи Шпанците на официјални натпревари.

- 3:5 изгуби од Швајцарија на пријателска во 2008-ма, првпат Германија да прими толку погодоци под негова палка и да биде така ранлива.

- Нема да ги заборави ниту двата гола на Марио Балотели во полуфиналето на Европско 2012-та кога Италија беше подобра и победи 1:2.

- Незаборавни се оние 4:4 против Шведска во квалификации за Светско 2014-та кога Германците водеа дури со 4-0 до 62’ минута.

- Болен пораз му е и оној од Франција 0:2 во полуфиналето на Европско 2016-та кога по грешките на Швајнштајгер и Нојер, Гризман постигна два убави гола.

- Дека нешто не штима веќе со Лев покажа Светското 2018-та во Русија кога Германците се посрамотија и не пројдоа ни групи. Дебаклот 0:2 од Јужна Кореја како да ги разгоре гласините дека Лев ќе биде отпуштен.

- Во Лига на нации 2020 Шпанија со страшни 6:0 ја декласираше Германија во Севиља и тоа беше најтежок пораз за Германија во последните 90 години!

- И најслаткото за нас, триумфот на Македонија среде Дујзбург 1:2 во квалификации за Светско првенство 2022. Ова беше само втор пораз на Германците во мундијалски квалификации уште од 1985-та година!

Вечерва од 21:00 на култниот „Вембли“ го чека дуел од 1/8 финале против најголемиот ривал - Англија, на нивен терен. Дали Лев ќе го продолжи походот кон златото кое на Германија одамна и недостига или ќе се врати дома со пораз?