ЦСКА казнета од УЕФА, без публика против Баерн Минхен

Рускиот клуб заработи казна од 50 илјади евра и во вторник ќе ги пречека баварците пред празно гледалиште, поради проблемите што ги направија нивните навивачи на „Олимпко“ во Рим.

Европската фудбалска унија ригорозно ги казнува сите инциденти на натпреварите организирани под нивна закрила. Овој пат фудбалскиот суд во Цирих, му изрече драстична казна на рускиот представник во Лигата на шампионите, ЦСКА Москва.

Иако „армејците“ се надеваа дека ќе минат само со опомена, затоа што според нив домаќинот на дуелот Рома - ЦСКА Москва е виновник за нередите, сепак УЕФА не им прости за дивеењето на нивните навивачи.

Според потпретседателот на Баерн Минхен, Карл Хајнц Румениге, од ваквата казна голем зијан има и актуелниот германски шампион.

„Голема штета е што натпреварот ќе го следат само новинари и официјални лица, а не и навивачите за кои се игра фудбалот. Мене ми е најмногу жал за нашите верни навивачи, меѓу кои има луѓе кои за 25 години не пропуштиле ниту едно наше гостување. 40 години сум во фудбалот и уште не сум видел слична одлука. Фудбалот се игра за гледачите, тие ги носат емоциите на натпреварите“, вели огорчено Румениге, кој отворено ја обвини УЕФА за одлуките кои се косат со фудбалската игра.

Од УЕФА возвраќаат дека ЦСКА не е казнета поради нередите во Рим на 17. септември, туку поради расистичките испади на минатогодишниот дуел од ЛШ против Викторија Плжен во Чешка. Според највисокото тело на европската фудбалска унија, инцидентите во Рим дополнително ќе ја зголемат казната.

25 септември 2014 - 17:38