Чудото Ериксен: Едвај преживеа на Европско првенство, сега е клучен играч на Манчестер Јунајтед

Под водство на холандскиот стратег Ерик тен Хаг, Манчестер Јунајтед победи на 7 од 8 натпревари после Светското првенство, го урна и силниот градски ривал Сити во дербито со 2:1 и немаше пораз во Премиер лига дури од 6-ти ноември.

Еден од клучните фудбалери на новиот Манчестер Јунајтед на Холанѓанецот Тен Хаг е Кристијан Ериксен. Данецот досега има 7 асистенции во Премиер лига колку што има и Букајо Сака. Има вкупно 9 асистенции за голови во сите натпреварувања и е лидер по овој параметар во Јунајтед.

На почетокот на 2022-ра година никој не ни помислуваше дека Ериксен воопшто ќе му се врати на фудбалот. Светот добро знае што му се случи на данскиот репрезентативец на отворањето на Европското првенство 2021-ва.

АКТИВНО СЕ СПРЕМАЛ ЗА ВРАЌАЊЕ, КРЕВАШЕ ФОРМА ВО МЛАДИНЦИТЕ НА АЈАКС И ВО ТРЕТА ШВАЈЦАРСКА ЛИГА

Јануари 2022-ра. Од ужасот на стадионот „Паркен“ во Копенхаген каде свечената атмосфера за отворање на прекрасното Европско првенство се претвори во неизвесност по страшниот пад на Кристијан Ериксен на сред терен, помина пола година.

Данскиот фудбалер после шест месеци закрепнување не ни помислувал да се врати на терен. Остана без клуб иако тогаш беше под договор со италијанскиот шампион Интер. Серија А забранува играчи да играат па ниту да тренираат со вграден кардиовертер-дефибрилиатор, па Интер и Ериксен споразумно и пријателски го раскинаа договорот.

Со текот на времето во 2021-ва Кристијан Ериксен полека закрепнувал и се вратил на лесни, лагани тренинзи. Прво во декември 2021-ва дошол во данскиот клуб Одензе каде како млад поминал четири години во академијата на овој клуб. Најчесто работел индивидуално, без поголеми напори. Тренинзите му биле препишани по строга лекарска контрола.

На почеток на јануари 2022-ра се појави вест дека Ериксен дошол да тренира во швајцарскиот третолигаш Кјасо. Тука ја кревал формата со поинтензивни тренинзи и изведување слободни удари од далечина.

Овој клуб е од истоимено градче на граница со Италија, на час возење до Милано. Во тој период Ериксен ги средувал последните детали од раскинот на договорот со Интер и паралелно ја кревал формата во Швајцарија. Сакал да се врати што побрзо.

„Знам што сакам. Сакам да играм. Веќе нема никакви проблемии, срцето го проверуваа со се што е возможно. Докторите кажаа дека се е во ред. Така што ситуацијата е стабилна и тоа е зелено светло за враќање во фудбалот.

Моја цел е да заиграм на Светско првенство 2022 во Катар. На тоа бев насочен секогаш. И ако се оди по план, секако се надевам дека ќе успеам. Да, една работа е да се најдеш во состав на репрезентацијата, а друга е воопшто да сфатиш како да се вратиш во фудбал. Но мислите ми се кон настап на Светско првенство, сонот... Имам сили да се вратам“, изјавил Ериксен за дански DR уште на почетокот на минатата 2022-ра.

Агентот на Ериксен, Мартин Шутс открил тогаш:

„Кристијан ги помина сите прегледи пред Божиќ, резултатите му беа многу добри. Очекуваме дека може да се врати на тренинзи со групата во новиот тим веќе овој месец“.

Во Кјасо Ериксен поминал неколку недели, а после неочекувано отишол во Ајакс, гигантот од Амстердам кој го вивна во висините на времето. На 26-ти јануари 2022-ра холандскиот клуб објави видео со тренинг на Данецот со младинците на Ајакс.

„Тука ги има сите услови, можам да учествувам во групни тренинзи на високо ниво. Во моментов ова се идеални услови за мене“, му благодари Данецот на својот некогашен клуб.

Инку Ајакс некое време во тајност ја држел информацијата дека данскиот репрезентативец тренира со нив. Дури ни младинците не знаеле дека тој е во клубот па кога влегол во соблекувална и облекувал копачки, тие гледале целосно збунети. „Здраво дечки им кажа, денес ќе тренирам со вас. Играчите беа во шок“, раскажал Марсел ван дер Кран, холандски стручен коментатор.

Децата биле воодушевени што тренираат со него и рекле дека било тоа неверојатно искуство со суперѕвезда на нивен тренинг.

Навивачите мечтаеле за камбек на Ериксен во клубот но после случаевите со Нури и Блинд, клубот бил крајно внимателен и претпазлив.

Тој чекор по чекор се враќал во форма и чекал права шанса.

КАРИЕРАТА ЈА ВОЗОБНОВИ ВО АНГЛИСКИ БРЕНТФОРД

Во средината на јануари 2022-ра, уште пред да дојде во Ајакс, Ериксен преговарал со Брентфорд. Клубот бил спремен да му понуди шест-месечен договор со можност за продолжување на уште една сезона.

Брентфорд бил идеална средина за него. Се работи за предградие на Лондон кој Ериксен многу го сака уште од времето кога играше за Тотенхем. Главен тренер на тимот беше Томас Франк кој го памети уште од младинската репрезентација на Данска У-17.

Трансферот бил договорен во финишот на јануарскиот преоден рок 2022. Данецот потпишал како слободен агент. Сè поминало успешно.

За кратко време тој блесна во екипата и се испостави дека е едно од најдобрите засилувања во историјата на клубот.

По првото влегување во игра на Данецот, Брентфорд нанижал победничка серија од пет меча по ред во Премиер лига. Близу биле до место во еврокуповите.

ВРАЌАЊЕ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА

Целиот свет беше воодушевен од неговото повторно играње. На крајот од февруари 2022-ра тој влезе на терен првпат на официјален меч после 259 дена, против Њукасл. Во 52’ минута влезе од клупата наместо Матиас Јенсен и доби аплауз од цел стадион.

Интересен момент имаше подоцна на мечот со Норвич кога му прекина една контра на Брендон Вилијамс кој бесен и лут сакал да влезе во физички дуел со ривалот но кога видел за кого станува збор, веднаш го гушна.

Во репрезентацијата на Данска добил повик уште во март 2022-ра, на помалку од месец дена по враќањето на терен. Првиот меч му беше симболичен, пред преполн стадион играше за Данците против Холандија на неговата „Јохан Кројф Арена“ во Амстердам.

После неколку минути постигна гол и ги воодушеви сите присутни.

„Кожата ми се наежи. Преубаво е што Кристијан се врати и со голот покажа дека е класа“, изјави холандскиот стопер Де Лихт.

Потоа се врати и на „Паркен“ во Копенхаген каде му се случи немилиот настан на Европското првенство. Цел стадион го скандираше неговото име и кренаа парола со натпис: „ДОБРЕДОЈДЕ НАЗАД КРИСТИЈАН“.

Во 57-ма минута од натпреварот со Србија во рамки од Лига Нации постигна прекрасен гол и одново ја докажа својата класа.

Во 80-та минута пред да излезе од игра му ја даде капитенската лента на заменик капитенот Каспер Шмајхел и доби огромни овации од трибините при излегување од теренот.

„Не се опишува оваа вечер. Се наежив од неверојатниот прием“.

КЛАСАТА ЈА ПОТВРДУВА И СЕГА НА НАЈВИСОКО НИВО, ВО МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Во летото 2022-ра дури пет премиерлигаши активно го сакале Данецот во своите редови. Можел да остане во Брентфорд или да се врати во Тотенхем кај Конте. Но по разговорот со тренерот на Манчестер Тен Хаг, се реши за Јунајтед.

Кристијан го знаел Холанѓанецот уште од времето во Ајакс кога Тен Хаг работел со младинците.

Интересно, денес Ериксен е во топ5 играчи со најголемо играчко време на теренот во Јунајтед. Пред него се само Бруно Фернандеш и Де Хеа.

Кристијан одигра 28 од 29 досегашни средби на екипата. Тен Хаг одлично го компонира со засилувањата од Ајакс, Мартинез, Антони и десниот бек Маласиа кој дојде од Феенорд.

Во формација 4-2-3-1, Данецот има слобода да го покаже сиот свој раскошен талент. Денес е најдобар асистент во екипата, адаптивен е на секој дел од средниот ред и е прав универзалец. Игра и на обете крила, игра и во средина и зад напаѓачите.

Доказ за ова се и зборовите на легендарниот Пол Сколс.

„Центарфорите знаат дека во екипата има играч од среден ред кој мисли за нив уште пред да ја прими топката. Кристијан секогаш го скенира теренот и размислува само за тоа како да ја продолжи топката напред. Не можам да ви објаснам колку е тоа важно за десетка или за крилен играч.

Бруно е интелигентен, бара пространство меѓу средниот ред и одбраната, но нему му требаше партнер кој ќе го најде самиот Фернандеш. Кристијан е баш таков играч“.

ГО ИСПОЛНИ СОНОТ И ИГРАШЕ НА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО

Уште во јануари 2022-ра тој изјавувал дека целта му е да заигра на Мундијалот.

ФИФА соопшти во февруари дека нема ништо против тој да биде дел од Светско првенство и дека според правилникот сите играчи се должни да ги пројдат кардиолошките прегледи и да докажат дека се е во ред.

Данците на Светско дојдоа после одлични квалификации, завршија први во групата, а во Лига Нации два пати ја совладаа Франција.

После ремито без голови со Тунис на отворање на Мундијалот за Данците, Ериксен бил пресреќен што добил можност да игра на најголемиот спортски настан на светот.

Но Данска не ја оправда формата која ја имаше во квалификациите. Завршија 4-ти во група со Франција, Тунис и Австралија.

Сепак навивачите на оваа репрезентација и сите љубители на фудбалот ширум светот се пресреќни што класа играч како Кристијан се врати на теренот и тоа на највисоко ниво. Сега класата ја потврдува во Јунајтед кој игра одлична сезона и е на прагот да се врати во Лига на шампиони каде што и клуб од таков ранг припаѓа.

23 јануари 2023 - 11:05