Наскоро крај на најдолговечната фудбалска приказна во Европа

Франк Шмит (52) на крајот од сезоната заминува од германски Хајденхајм кого непрекинато го води речиси 20 години.

Една од најубавите фудбалски приказни во Европа во модерната ера се приближува до самиот крај. Оваа вест дека Франк Шмит ќе го напушти Хајденхајм по крајот на сезонава прво силно одекнала во Германија а потоа и ширум континентот. После скоро 20 години.

Некогаш навистина беше честа пракса тренерите да работат на подолги патеки во клубовите. Па дури и приказната на Алекс Фергусон во Манчестер Јунајтед не тргнала веднаш како треба, туку имало борби со разни урагани на почетокот додека работите не дошле на свое место.

Во денешно доба, пак, тренерите се менуваат на клупите како на жешки столчиња. Ретко кој тренер составува две цели сезони а камоли подолго од тоа.

Франк Шмит е реткост во таа приказна. И Шмит и неговиот сакан Хајденхајм. Заедно се во врска речиси 20 години и поминаа се и сешто! Овој германски клуб бил основан во 2007-ма година по раздвојување на еден клуб во два. Само неколку месеци подоцна, Франк Шмид седнал на клупата како нов, втор тренер во клупската историја. И остана до ден-денешен!

Во книгите за рекорди пишува дека Франк Шмит е најдолговечен тренер во еден клуб во Европа во моментов. Ако се сметаат професионални фудбалски лиги а не аматерски зонски дивизии, Шмит е најдолговечен на континетот.

Во Хајденхајм е точно 19 години и 47 дена. Зад него се легендарниот Гурбан Гурбанов кој правеше чуда со Карабаг од Азербејџан и Диего Симеоне кој уште го води Атлетико Мадрид.

Рекордот на Шмит ќе трае до крајот на сезонава кога и официјално заминува од клубот. Тоа со голема жалост го објави и Хајденхајм официјално на своите профили на друштвените мрежи.

„Со челните луѓе на клубот долго зборувавме за ова претходните месеци. Импресивно е колку се трудеа да ме убедат да го продолжам договорот. Претходните недели решив дека е време да одлучам. После скоро 20 години тренирање во Хајденхајм сега само ми е потребен одмор следното лето. Колку тој одмор ќе трае и што ќе се случува во мојот живот после 1. јули за тоа не размислувам“, рекол Франк Шмит за сајот на Хајденхајм.

Време за подвлекување црта сигурно ќе има но веќе сега може да се каже: каква вожња беше тоа! Шмит и Хајденхајм тргнаа заедно од четврта лига и стигнаа до Бундеслига па до историски настап во Еврокупови. Не беа долго во елитата, испаднаа минатата сезона што нималку не ја намалува убавината на неверојатниот пат кој заедно го минале. После скоро 20 години....

4 ноември 2026 - 13:50