Цел свет зборува за Кристијано Роналдо, но кој е дискретниот јунак од Иран Али Даеи?

Во претходните десетина години на секој гол на Кристијано Роналдо за Португалија, коментаторите изговараа: „Со овој гол Роналдо му се приближи на вечниот Али Даеи на 21, 20, 19 гола... итн“. А Иранецот е права легенда.

КОЈ Е АЛИ ДАЕИ?

Роден во 1969-та во Ардабил, антички град во северо-западен Иран кој има популација од околу 530.000 жители, во кој мнозинството се ирански Азербејџанџи и прв јазик е азербејџанскиот, Али Даеи важи за најпознат ирански фудбалер. Тој станал дипломиран металуршки инженер а на 19 години почнува сериозно да се занимава со фудбал.

Од 1993-та до 2007-ма година Али Даеи го носел омилениот дрес на својата репрезентација за која постигна неверојатни 109 гола и цели 14 години беше апсолутен светски рекордер по број на голови за репрезентација.

Она што беше Георге Хаџи за Романија или Христо Стоичков за Бугарија или нашиот Горан Пандев за Македонија, тоа е Али Даеи за Романија. Идол. Легенда. Од 2014-та година е влезен во Гинисовата книга на рекорди.

109-те погодоци за Иран ги постигнал на 149 меча. И до 1 септември 2021-ва година беше апсолутен владетел на рекордот но Кристијано Роналдо со два гола буквално во судиско продолжение против Република Ирска во квалификации за Светско 2022, го урна рекордот на Али Даеи.

Пред 1.93 сантиметри високиот Али Даеи да постави нов, рекордот по број на голови за репрезентација цели 47 години го држел епскиот Ференц Пушкаш кој постигнал 84 гола за Унгарија но во 1956-та година ја завршил репрезентативната кариера во време на големата Унгарска Револуција и на 28 години решил да игра само за Реал Мадрид.

Интересно, малку е познато дека Кристијано Роналдо и Али Даеи еднаш дури и се сретнале на меч од Светско првенство 2006 меѓу Иран и Португалија, но ветеранот остана на клупата за резерви, а младата ведета на тој меч го постигна 12. гол за својата земја.

Иранецот веќе долго време потенцираше дека би му било многу драго Роналдо да го престигне неговото достигнување затоа што е голем фудбалер, голем човек и играч кој урнал еден куп рекорди. Му честиташе како што е редот меѓу големите мајстори.

Што се однесува до клупската кариера, Али Даеи на 287 натпревари дал 112 гола за различни клубови.

(на 25 секунда еден од неговите најубави голови во кариерата)

ПРАВ ИРАНСКИ АМБАСАДОР ВО НЕЗГОДНИ ВРЕМИЊА

За разлика од многу спортисти од Азија и Блискиот Исток кои во негово време остануваа на свое тло, Али Даеи не се плашел да си ја проба среќата во Европа. 

Иранецот е еден од ретките фудбалери кои понекогаш и прескокнувал клупски натпревари само за да биде спремен за својата репрезентација. Кариерата ја почнал во тимот на Исламскиот Универзитет Азад, па играл уште и за Таџирани, Банк Теџарат и најголемиот ирански клуб Персеполис за кој уште во прва сезона прославил 15 погодоци на 18 средби.

Во 1994-та година дал дури 22 гола на 18 натпревари за Иран со што заработил понуда од богатиот клуб Ал Сад од Катар. Откако класата ја докажал и таму со 10 гола на 16 меча време било за непознатата Европа.

СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 1998 И ДУЕЛИ СО ГЕРМАНИЈА, АМЕРИКА И ЈУГОСЛАВИЈА

Али Даеи бил прав бомбардер во азиските квалификации за Мундијалот во Франција 1998. До 1997-ма се изнадавал голови за Иран и бил најзаслужен што оваа селекција стигнала до баражот (плејоф) за Светско првенство против Австралија.

На првиот меч одигран во Техеран имало преку 100.000 гледачи но „кенгурите“ успеале да извлечат 1-1 и да се спремаат за реваншот. А на возвратниот дуел момците на селекторот Тери Венејблс го почнале со два брзи гола и сè било спремно за големо славје на фаворитот. Но така не мислеле Али Даеи и другарите кои израмниле на 2-2 и со правилото гол на гости за првпат после цели 20 години г однеле Иран на Светско првенство!

Во Франција Иран играше убав фудбал. Иако изгубија од Германија и Југославија, се наострија за мечот кој носеше голема политичка тензија поради меѓудржавните односи на Иран и Америка. На Али Даеи и екипата им било сугерирано од државниот врв да не им пружаат рака на Американците, но фудбалерите на САД коректно пред мечот носеа бели ружи и им ги подарија на иранските играчи па направија и заедничка дипломатска фотографија која го обиколи светот.

На крјаот Иран славеше со 2-1 за големо славје и трето место во силната група.

ПАТОТ ДО МИНХЕН И БЕЗ ГЕРМАНСКО ПИВО ПОРАДИ РЕЛИГИОЗНИ ПРИЧИНИ

Во тој период (1997/1998) имало прав десант на ирански фудбалери во Германија. Најдобрите играчи од репрезентацијата на Иран тргнале на пат за Бундеслига. Али Даеи и Карим Багери потпишале договор со Арминија Билефелд, Ходадад Азизи го облекол дресот на Келн, Мехди Махдавикија заиграл за Бохум а следната година Вахид Хошемјан дошол во Хамбург.

Но најдобар од сите бил јунакот на оваа приказна.

Веќе изграден, зрел и искусен расен стрелец, на 28 години во пакет со неговиот сонародник Карим Багери во 1997-ма потпишуваат договор со бундеслигашот Арминија Билефелд. За овој тим, виоскиот Али Даеи постигнува 7 гола на 25 меча но клубот завршува последен на табела и испаѓа во втора германска лига.

Но блескавите настапи за Иран го препорачаа во најголемиот германски клуб.

Во летото 1998-ма година ќе стави потпис на договор со гигантот Баерн Минхен и набрзо ќе стане првиот Азиец во историјата кој воопшто играл и дал гол во Лига на шампиони.

Али Даеи беше дел од една славна генерација на Баварците предводена од Штефан Ефенберг, Лотар Матеус, Елберг, Карстен Јанкер, Оливер Кан, Торстен Финк, Баслер, Салихамиџиќ.

Корпулентниот Даеи, препознатлив по црните мустаќи, беше на клупа за резерви кај Баерн во епското финале на Лига на шампиони (1999) кога Манчестер Јунајтед со два гола во судиско дополнување направи чудо и славеше 1-2 од пресврт

Во една сезона во Баерн освои шампионска титула во Бундеслига и германски Лига Куп. Постигна 6 гола на 32 меча и забележа 1.586 минути на терен. Но тоа не го задоволи и бараше поголемо играчко време кое не го доби во конкуренција со моќните Елбер и Карстен Јанкер.

Од таа причина реши да смени средина каде ќе игра повеќе. Следна станица во богатата кариера му беше Херта Берлин каде одигра три сјајни сезони и даваше голови во Лига на шампиони - 2 против Челси и 1 против Милан на Сан Сиро. Со сино-белите освои и два Лига Купа на Германија.

По сјајните три години во Херта каде стана клупска легенда, Али Даеи веќе во позни играчки години помина една сезона во Ал Шабаб од Дубаи, па се врати во татковината каде играше за три клуба и во сите три се изнадава голови: Персеполис (24 меча 16 гола), Саба Ком (51 меч, 23 гола) и Сајпа (26 меча, 10 гола). Кариерата ја заврши токму во овој клуб во 2007-ма.

За репрезентацијата на Иран играше од 1993 до 2006 и на 149 натпревари даде 109 гола.

Али Даеи изминативе години има тренерска кариера и беше селектор на Иран и тренер на повеќе тамошни клубови.