Леванте синоќа го збриша Реал Сосиедад со 3:0 и сега со 9 бода се наоѓа на петтата позиција на табелата. Заедно со Барселона, Севиља, Атлетико Мадрид и Валенсија се без пораз во шпанскиот фудбалски шампионат.
Кога Леванте веќе имаше предност од 2:0 и трите бода беа освоени, Енис Барди во 89-та минута се намести да шутира слободен удар кој од таа позиција за него тоа е пола пенал.
За Барди ова е трет гол во Ла Лига и вкупно шести заедно со пријателските средби во летниот подготвителен период. Со исклучок на голот против Валенсија минатиот викенд, сите други му се од слободен удар па зачудува фактот што 23 годишниот Иван Лопез, познат како Иви, кој исто така летово стана играч на Леванте, се побуни тој да шутирал.
И покрај насловов, сепак тука не се работи за кавга како во случајот со ПСЖ. Нашиов на крај излезе голем и го гушна Иви.
Барди во 89-та минута само го дотолчи противникот, 15 минути претходно Моралес стрелаше за 2:0 од пенал, а гол на мечот и колото, кој сигурно ќе конкурира и за најдобар на сезоната постигна Чема Родригез. Волеј ударов е за сите пари.
Реал Сосиедад гостува во Скопје на 19 октомври во рамките на 3. коло од Лига Европа против Вардар.