Бора од Бајина Башта кој однесе 5 репрезентации на 5 Светски првенства

Рекордерот Велибор Милутиновиќ е човек за кого може и треба да се сними филм. Останат без татко и мајка на млади години тргнува на пат околу светот и фудбалските тајни ги раскажува во пет различни земји со кои оди на Мундијали.

Никој и никогаш не го викал по име - Велибор.

Во Кина му се обраќале со Мило затоа што во кинески јазик нема силно изразено “р“. За сите останати бил едноставно Бора. Кариерата на Бора Милутиновиќ е за филм кој ќе го опише неговото патешествие (вон кариерата, Бора денес живее во Катар заедно со сопруга-Мексиканка).

Српскиот тренер во својата неверојатна кариера тренирал како селектор пет различни репрезентации на пет Светски првенства: Мексико, Костарика, САД, Нигерија и Кина.

***

Бора се селел уште во детството, иако бил приморан на такво нешто. Татко му на Милутиновиќ загинал во Втората Светска војна, мајка му набрзо починала од туберкулоза и Бора заедно со сестрите и постарите браќа од српското село Баина Башта се преселил кај чичко му и тетка му во градче на тромеѓето со бугарската и романската граница.

Бора во слободно време трчал по топка која се состоела од свинска бешика замотана во чорапи.

Потоа сите тројца браќа - Бора, Милош и Милорад Милутиновиќ се преселиле во Белград и заиграле во Партизан. По извесно време заедно настапиле и за репрезентацијата на Југославија. Бора за разлика од браќата не го земале за Светско првенство, но тој решил дека еден ден ќе го оствари животниот сон.

Никој точно не знае како Бора после Швајцарија и Франција отишол да игра во Мексико, но токму таму се нашол себеси. Во Мексико се оженил по вторпат - со сестра на негов соиграч (првата жена, Југословенка не сакала да се сели во Латинска Америка).

По крајот на богатата играчка кариера, Бора станал тренер. И таму, на силното сонце и пред толпата на кулниот стадион „Ацтека“ започнал неговиот 20-годишен маратон со 5 Светски првенства по ред!

МЕКСИКО (1986)

Мексиканците биле први во историјата кои по втор пат станале домаќин на Светско првенство (првпат во 1970, втор пат после 16 години), и плановите на селекторот Милутиновиќ биле големи. На ова Светско првпат се појавија и тн. “Мексикански бранови“ кои ги гледаме и деновиве на стадионите на Светското кога публиката се забавува станувајќи во бранови.

Тој го собрал најдоброто од сите клубови, играчите не излегувале од тренинг кампот на репрезентацијата а Бора закажал 60 пријателски средби за повеќе од три години!

Во Мексико тогаш се плашеле дека кога ќе почне Светското, играчите ќе попаѓаат од замор.

Напротив, Мексиканците не изгубиле ниту еден меч во групата, ја поминале Бугарија и на пенали изгубиле од Германија. Тоа бил грандиозен успех за целата земја и Милутиновиќ добил највисоко признание за странците во земјата - Орден на Ацтечки орел.

КОСТАРИКА (1990)

Во оваа егзотична земја, Бора ја однел фудбалската репрзентација на подготовки од цели два месеци, се откажал од шест играчи (меѓу нив и капитенот) и одиграл шест пријателски средби со клубови од пониските италијански лиги.

Но на крајот, Бора верувал во своите методи и одел до крај.

Во Италија на 5 недели до почетокот на Светското во оваа земја, фудбалерите почнале ментално да паѓаат, па Милутиновиќ им дозволил да излегуваат по дискотеки за да се ослободат од стресот и заморот.

Јавноста критикувала, но планот на Бора успеал: Костарика ја поминала крајно тешката група со Бразил, Шведска и Шкотска и стигнала до плејофот. Таму испаднале брзо со дебакл 1:4 од Чехословачка но Бора не жалел за ништо:

„На што се радува дете во циркус? На кловнови и магионичари. Ден пред мечот со Шкотска јас бев кловн, но после Светското станав и магионичар. Разликата е само во два меча. Не е важно колку си популарен кога ќе дојдеш. Најважно е како ќе се однесуваат со тебе кога ќе заминеш“, рекол Бора пред новинарите.

САД (1994)

Да ја добие селекторската позиција на земјата домаќин на големиот Мундијал на Бора му помогнал Бекенбауер лично.

Во 1991 година Америка се спремала за првото Светско на нивно тло - од успешноста на Мундијалот зависела судбината на сокерот во земјата која што никако не можела да ја прифати оваа игра.

Секретарот на американската фудбалска федерација Хенк Штејбрехер добивал совети секој ден но на крајот морал да го прифати оној на Бекенбауер: „Вам ви треба особена личност. Бора може да се справи со таквата работа. Тој човек е единствен кој ќе ви се погоди“.

Штејбрехер се качил на авион, одлетал за Мексико а Милутиновиќ го примил на гости и му покажал работни планови и стратегии од претходните Светски првенства. Штејбрехер се вратил со мисла: „Наш е“.

На пријателските натпревари Милутиновиќ оставил простор за сомнеж кај Американците (изгубил од тогаш анонимната репрезентација на Исланд, не направил ништо против Молдавија). Но Бора не се изменил себеси во психолошка смисла.

Кога одбранбениот фудбалер Алекси Лалас се појавил во базата со својата фамозна црвена браа, Милутиновиќ го пратил по ѓаволите. Лалас раскажал: „Бора сака да те проверува, да ја види твојата реакција. Јас бев лош, слушав метал и викав: „Ова е Америка! Јас сум личност!“.

На Светското САД предводен од Милутиновиќ во група ја победи Колумбија со 2:1 (со фаталниот автогол на Андрес Ескобар), одиграле нерешено со Швајцарија и се пласирале во нокаут фаза каде достојно изгубиле од идниот светски шампион Бразил. Good job, man.

НИГЕРИЈА (1998)

Бора веќе станал уверен дека секоја репрезентација која што ќе ја преземе, може да ја однесе на Светско.

Така и било. Кога стигнал во Нигерија, во селекцијата имало многу многу таленти (на пример Џеј-Џеј Окоча и Сандеј Олисех), личности како Тарибо Вест и други момци кои веќе играа по Европа. Играчите не биле задоволни од тактиката и го завикале својот селектор Boring Bora (досадниот Бора). Но дали тоа го разочарало Милутновиќ? Не.

„Одбранбен фудбал! Да, па кој игра напаѓачки на Светско? Никој! Шахот и фудбалот се многу сложени. Во шах прво си должен да го чуваш кралот, а потоа да напаѓаш. Ако ти оставиш простор околу своето, така е и со голот - ти си мртов. Сакам да играм умен фудбал“.

Во првиот меч на Мундијалот во Франција 1998 Нигерија направи чудо и ја совлада Шпанија со 3:2 после фантастичен фудбал:

Нигерија како прва отиде во следна фаза а таму Светското им го прекина Данска која ги порази со 1:4. Тоа беше последниот натпревар на Бора Милутиновиќ во нокаут фаза на едно Светско првенство.

КИНА (2002)

Милутиновиќ јавно кажал дека би се откажал од сите свои пари и заработки само за да освои еден бод на Светско со репрезентацијата на Кина.

На Мундијалот 2002 Кина падна во тешка група со Бразил, Турција и Костарика и очекувано - 0 голови, 0 бодови. Но Кинезите биле воодушевени од самиот факт што Бора ги однел на Светско првенство и земја од милијарди жители просто го обожувала Србинот од Бајина Башта.

Претходно Кина до 1999 година одиграла само еден меѓународен натпревар а во првите 14 месеци со Бора Милутиновиќ на клупата собрале дури 26 средби.

Целата приказна околу пласманот на Кина на Светско била апсолутна во стилот на Милутиновиќ. Една вечер на прес-конференција изјавил дека ако направат успех тој ќе скокне од Големиот Кинески ѕид.