Во шпанскиот град Виго изминатиот септември било невообичаено топло. Особено кога гостуваше Барселона, која од таму замина со четири голови во својата мрежа. Нолито тивко, речиси на прсти влезе во шеснаесетникот на Барса и постигна ефектен гол кој го прослави со рацете во вис, како посвета за неговиот дедо Мануел. До крајот Нолито намести уште два гола и беше главен творец на триумфот на сезоната против Барса.
Секој гол Нолито го посветува на дедо му. Мануел бил морелопловец, капетан на брод кој го поделил скромното наследство на своите внуци. Нолито добил дрес од Барселона и патики Најк кои не ги соблекувал дури ни кога спиел.
Нолито не го видел никогаш својот биолошки татко. Мајка му водела мошне неуреден живот и во еден момент заглавила во затвор, по што својот син го дала кај своите родители Долорес и Мануел. Покрај Нолито, во куќата имало уште десетина други деца и внуци. Живееле во сиромашен дом во местото Санлукар, северо-западно од провинцијата Кадис.
Нолито памети како на масата за ручек ретко кога имало помалку од 10 деца. Семејството немало доволно облека и чевли, секој носел од некој друг, но благодарение на баба Долорес храна имало доволно за сите.
Во детството, малиот Нолито никогаш немал своја топка, туку играл со друга а често со братучед му Луис врзувале две маси и играле со пластично шише, само за да не играат боси на улица. Нолито го гледал школото како место со добри игралишта на кои има неограничено многу топки.
Првите фудбалски чекори ги направил во локалниот тим Атлетико од Санлукар, каде играл заедно со Хурадо. На 15 години добил повик од Валенсија, а во интервју за АБС.ес минатата година, Нолито изјави:
„Многу луѓе мислат дека да се биде фудбалер е убаво и лесно, но добро се сеќавам на сите срања во мојот живот, паметам кога како дете морав да ја напуштам куќата, да ги оставам другарите и роднините. Никогаш нема да заборавам кога дедо ми ме возеше до железничката станица. Како што се оддалечуваше возот, автомобилот стануваше се помал и помал, а мојата тага се поголема. Имав 16 години, во Валенсија бев потполно сам и тоа ме направи посилен".
Поли Ринкон, тренерот на јуниорите на Валенсија во интервју за Ла Воз де Галициа зборувал дека Нолито на тренинг доаѓал гладен, по што лично тој се грижел за неговата исхрана. Кога малиот Нолито му се јавил на дедо му, стариот Мануел му рекол: „Мора напорно да работиш. Таму лежи твојата иднина, биди трпелив, се ќе биде во ред".
Сепак носталгијата победила, Нолито се вратил во Санлукар и до 20 години го носел дресот на четвртолигашот од ова место. Следна дестинација му бил третолигашот Есихи, клуб кој стигна до 1/32 финалето на Копа дел Реј каде се сретна со Реал Мадрид.
Нолито против Кралевите влезе како замена на средината од второто полувреме и му даде гол на Диего Лопес за конечни и сензационални 1-1. За Реал тогаш играа Бекам, Роналдо, Хави Гарсија, Борха Валеро а тренер беше Фабио Капело. На реваншот, пред преполн Бернабеу, Реал очекувано славеше со 5-1 со двата гола на Ван Нистелрој, но тоа било драгоцено искуство за Нолито.
Набрзо стигнал повик од Луис Енрике, тогашен тренер на Барселона Б. Офанзивниот играч од Енрике учел многу и за животот, не само за фудбалот. Сегашниот тренер на Барса му зборувал отворено дека мора да ослабне, да држи диета и да внимава да не стане ноќна птица.
Нолито постигнал неколку голови за Барса Б, по што Пеп Гвардиола го викнал во првиот тим. Братучед му Луис за Ел Конфиденсиал раскажал дека тогаш во домот на Мануел и Долорес во Санлукар бил прав метеж, а едно од децата викнало „Дедо, дедо ене го Нолито, седи до Ето и Пујол", на што Мануел возвратил „Да, ене ги Ето и Пујол, седат до Нолито".
Нолито три години играше во Барселона Б, а потоа замина во Лисабон каде играше за Бенфика. Во Португалија влезе во историјата, затоа што даде пет голови на првите пет меча и го израмни рекордот на Еузебио. Од Бенфика се пресели во Гранада и беше најзаслужен за историскиот триумф на овој клуб против Реал Мадрид, кога по неговиот корнер Роналдо си даде автогол.
Во меѓувреме стана најдобар стрелец во Селта Виго каде тренер му беше токму Луис Енрике. Се оженил со девојката Лаура со која има ќерка Лола, дебитираше за шпанската репрезентација против Германија и се наоѓа на прагот од враќање во Барселона. Сепак, за едно му е најмногу жал, тоа што дедо му Мануел не го видел неговиот гол против Барселона кога во 26-та минута аплаудираше и Лионел Меси.
„Во детството имав многу проблеми, живеев во сиромашен крај, но благодарение на дедо ми бев среќен. Богат не е оној којшто има многу, туку оној кој се задоволува и со малку“, ја заврши Нолито приказната за АБС.ес.