Необјавени откритија и моменти од соблекувалната, како и анегдоти и животни приказни: Кристијан Виери ги раскажува во книгата „Chiamatemi bomber“ (Викајте ме бомбардер). Напаѓачот зборува во прво лице, како за неговите фудбалски бравури на теренот, така и за врските со најубавите девојки од италијанскиот шоу-бизнис, од Елизабета Каналис до Мелиса Сата.
Целата негова фудбалска и животна сторија е раскажана во едно издание кое ќе излезе на 20. ноември. Во биографијата Бобо Виери зборува за првите фудбалски чекори во Австралија па сè до големите фудбалски клубови каде настапуваше: Јуве со Марчело Липи, Атлетико Мадрид, Лацио, Милан, Интер.
Во тимот на Масимо Морати ги проживеа најславните моменти и стекна многу пријателства. Во книгата раскажува за другарството со Роналдо кој му бил најискрен пријател и дружењето со Рекоба и Џиџи Ди Бјаџо (селектор на Италија У-21).
Книгата носи и интересни анегдоти од двете Светски првенства на кои настапуваше Виери, како и на едно Европско првенство. Дебитираше за Италија под водство на Чезаре Малдини за кој Виери вели дека е негов втор татко. Селекторот Чезаре во него гледал „момче кое морало да се избори со љубезноста и пријатниот пристап од една страна и неверојатната физичка способност и грубост од друга страна“.
За неговиот инстаграм веќе си знаете.