Како Реал помогна Јунајтед да се издигне по авионската несреќа во Минхен

Иако важат за најголеми фудбалски ривали во историјата, клубовите од Манчестер и Мадрид негуваат пријателски односи уште од 1958 година и трагичниот настан на аеродромот во тогашна Западна Германија.

Освен како творец на една од најуспешните екипи во историјата на Реал, почесниот претседател на клубот од Мадрид, Сантијаго Бернабеу е познат и по големата помош која што му ја пружил на Манчестер Јунајтед кон крајот на педесетите години.

Џон Луден е авторот на книгата „Бајката на два града: Манчестер и Мадрид 1957-1958", во која детално се опишуваат настаните по авионската несреќа.

По реваншот со Црвена Звезда во Белград на 6 февруари 1958, авионот со кој Манчестер Јунајтед се враќал дома се срушил на пистата на минхенскиот аеродром при што животот го загубиле седум фудбалери, три тренери и десет други патници. Трагедијата го сруши и сонот на „Бебињата на Безби" да стигнат до првиот европски трофеј, затоа што по три месеци го загубија полуфиналниот дуел против Милан.

Реал Мадрид таа година го освоил трофејот, но најдобриот играч на светот во тоа време, Алфредо ди Стефано решил трофејот да го посвети на трагично загинатата генерација на Манчестер Јунајтед.

Претседателот на Реал, Сантијаго Бернабеу, по кого е крстен стадионот на „меренгес" во Мадрид решил на секој начин да му помогне на англискиот клуб.

Организирал хуманитарни пријателски натпревари на кои се собирала донација за Манчестер и решил да го прати Ди Стефано во црвениот дрес до крајот на сезоната 58/59, но англиската федерација не го дозволила тоа под изговор дека така ќе нема место за домашните фудбалери. По неуспешниот обид со Ди Стефано, Бернабеу сакал да го прати и Ференц Пушкаш во Англија со тоа што половина од неговата плата би ја плаќал токму Бернабеу.

„Во тешката состојба, Јунајтед не можеше ниту да сонува за некој поголем успех во Европа, па идејата на Мат Бизби беше да ги сочува преостанатите играчи кои би играле во домашното првенство. Помошта од големиот Сантијаго Бернабеу дојде во најтешкиот момент во историјата на Манчестер Јунајтед", вели Луден во интервју за британскиот Индепендент.

Истата 1958 година, Бернабеу во Шпанија организирал продажба на меморијални знаменца „Почесни шампиони", со имињата на сите загинати фудбалери на Манчестер, а средствата од продажбата ги донирал во англискиот клуб. Најголемо внимание предизвикале пријателските средби меѓу двата клуба, одигрувани наизменично во Мадрид, па во Манчестер на кои во просек имало по 60 илјади гледачи.

Првиот трофеј што Јунајтед го освоил после трагедијата е англискиот ФА куп во 1961. година, а седум години подоцна англискиот тим го оствари сонот и стана шампион на Европа.

5 септември 2014 - 14:12